СДСМ бара одговори за умирањето деца, ВМРО-ДПМНЕ велат Филипче бил „синоним за смрт“


СДСМ и владеечката ВМРО-ДПМНе почнаа со меѓусебни обвинувања околу тоа во чиј мандат умреле повеќе граѓани , откако деновиве јавноста ја потресоа  вести за умирање на деца, вклучувајќи ги и денес двата близнаци. 

„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија со голема загриженост ги следи информациите за случајот со смртта на 9-годишното дете на скопската детска клиника. Она што засега е познато, се информациите во јавноста дека детето од болницата од Штип е донесено на скопската Клиника за детски болести во многу тешка состојба, каде што обидите за реанимација, за жал, биле безуспешни.СДСМ апелира надлежните институции при најавениот инспекциски надзор да спроведат длабока и транспаретна анализа на третманот на лекување на детето во текот на целиот процес, и кај матичниот доктор и во штипската болница и во скопската Клиника за детски болести.

Родителите, јавноста заслужуваат информации – што точно е причината за смртта на 9-годишното дете, дали има пропусти и каде се пропустите, бидејќи одговорност мора да има! 

Денеска денот започна со уште една трагична вест за две починати бебиња, близначиња во Прилеп. И за овој случај ги повикуваме надлежните институции час поскоро да истражат и транспарентно да ги соопштат причините за смртта“, реагираше денес Белкиса Зеќири од СДСМ.

Изминатиов период за жал скоро секој месец сме сведоци на вести за починати деца на Клиниката за детски болести. Состојбата е повеќе од алармантна.Овие трагедии отвораат низа прашања не само за Клиниката за детски болести туку и за целокупниот здравствен систем, за кои јавноста заслужува итни и јасни одговори.Како се случуваат ваквите пропусти? Каде затајува системот? Дали се прават обиди за прикривање лекарски грешки?

Ќе потсетам на неколку случаи: Кон крајот на минатата година седуммесечно бебе  почина на Клиниката за детски болести, откако му беше одбиена хоспитализација без никакво образложение. 14-месечно бебе почина на детската клиника кое исто така беше одбиено за болничко лекување. Понатаму, бебе од Струмица, старо само осум дена, почина од сепса. Ова е само дел од серијата трагедии кои не смеат да останат без одговорност.Точно е дека се спроведоа инспекциски надзори, но тоа е недоволно. Казните за Клиниката за детски болести се задоцнети и несоодветни. Ниту една парична казна не може да го врати загубениот детски живот!Во 21 век, во време кога во светот се лансираат современи технологии во здравствениот систем, нашата статстика лани за само шест месеци регистрираше 19 починати доенчиња и едно петгодишно девојче. Ова е страшно и загрижувачки!

Одговорност со оставки мора да поднесат министерот за здравство, Арбен Таравари, заедно со директорот на Клиниката за детски болести, Мемеди.СДСМ бара инсистира на темелна истрага, длабоки анализи и превентивни мерки. Оваа состојба мора да се превенира, мора да се најде изворот на овие трагедии, не можеме да чекаме да умираат деца за потоа да реагираме!

Ја повикуваме актуелната власт да го спречи враќањето на старите практики и високите стапки на смртност. Здравствениот систем мора да функционира одговорно, транспарентно и во интерес на граѓаните.

Иако состојбата во здравството е застрашувачка, иако ВМРО-ДПМНЕ има хипотека околу умирањето на деца од претходниот мандат и го почна растурањето на јавниот здравствен сектор во интерес на приватниот, и иако СДСМ не излезе со обвинувања туку со барања, од партијата одговорија со напад. Според нив, СДСМ е партија која ја води поранешен министер за здравство, Филипче, кој е „синоним за смрт и за уништување на здравството“.

„За време на министерувањето на Филипче и владеењето на СДСМ, во здравството не се направи ништо за да се подобрат условите. Наместо да работи на унапредување на здравството и на условите за работа на здравствените работници, Филипче го интересираа само личните и бизнис интересите на тендерашот и негов претходник, Зоран Заев. Наместо да ги средува состојбите и да ги подобрува условите во здравството, Филипче како министер го интересираа само провизиите од местењето тендери. Затоа што го интересираа само провизии од тендерите, Филипче како министер за здравство дозволи да се постави криминална модуларна болница во Тетово, во која живи изгореа 14 лица. А одговорност за тоа, Филипче не сноси зашто, замислите, кабелот бил крив. Филипче е министер за здравство во чие време Македонија ја позиционираше високо на европските и светски листи по смртност од корона вирусот. Официјалните податоци покажуваат дека во државата од корона вирусот починале скоро 10.000 македонски граѓани“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Филипче, исто така, наведено е таму, е министер кому му колабираше системот со сообраќајката на „Дурмо Турс“ во која животот го загубиле 16 лица, најмногу поради лошата поставеност на здравството со кое раководеше Филипче.

„Наместо сите пациенти да се носат со брза помош во една болница, на лице место требаше да има тријажен центар кој што требаше да одредува кој пациент во која болница треба да биде пратен. Само така системот немаше да биде оптеретен и ќе се дадеше шанса да преживее уште на некој од настраданите. Значи, кога од СДСМ држат пресови за здравството во Македонија, треба да имаат предвид дека нивниот претседател Филипче, додека министерувал со истото тоа здравство бил синоним за смрт и синоним за уништување на јавниот здравствен систем“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

А, темата е премногу сериозна за вакви несериозни одговори.