СДСМ прашува зошто Лимани е непожелен во САД


Фатмир Лимани (Фото: Б. Грданоски)
СДСМ бара одговор зошто на министерот Фатмир Лимани му е забранет влез во САД, нарекувајќи го тоа скандал кој става прашалник околу тврдењата на премиерот Христијан Мицкоски дека има стабилни односи со САД и нивна поддршка.  
 
-Скандал до скандал во Владата на Мицкоски. Иако тврди дека гради стабилни односи со САД, премиерот крие од јавноста дека неговиот министер, Фатмир Лимани, добил забрана за влез во САД. Поради ова, тој бил принуден да ја откаже планираната посета, а Владата молчи за причините за оваа драматична одлука.
 
Ова отвора сериозни прашања за кредибилитетот на владините претставници и за политиката што ја води Мицкоски. Доколку тој навистина ужива поддршка од американската администрација, како што често тврди, сега е моментот да го докаже тоа со конкретни чекори.
Во спротивно, неговата тишина само ќе потврди дека во Владата се толерираат контроверзни личности.
 
Јавноста има право да знае: кои се причините поради кои Лимани е прогласен за непожелен во САД? Дали ова значи дека тој е вмешан во скандал што ја загрозува меѓународната репутација на земјата- порачаа од СДСМ.
 

Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, кој доаѓа од редовите на коалицијата „Влен“, на 11 март (вчера) требало да присуствува и да има свое обраќање на настан на ОН за жени во Њујорк, САД, но не отпатувал бидејќи бил одбиен за виза. Информацијата дека Лимани не добил американска виза на социјалната мрежа Фејсбук ја споделија од „Европскиот фронт“, коалицијата предводена од ДУИ, поранешната матична партија на Лимани.

„Дали ти дадоа американска виза, Фатмир? Дали Али Ахмети е виновен за вашите скандали?“,

прашаа од „Европскиот фронт“.

На ова реагираше министерот Лимани, кој на својот личен фејсбук-профил, како главен виновник за тоа што не добил виза, го посочи својот роднина – лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

„Причината за ‘пречката за слободно движење’ произлегува од фактот што жртвував сè за да го вратам Али Ахмети (заедно со неговите деца и пријатели) во неговата татковина користејќи начини и средства кои не се дозволени со меѓународното право. Ова нека послужи како потсетник за идните генерации да внимаваат кому му веруваат и за што се жртвуваат, за да не се осудат на вечно ропство. Ако сакате подетално објаснување… кажете му на Али Ахмети да избере дебатна емисија и телевизиска куќа и ќе бидете поинформирани… Движењето и ‘борбата’ за права на својот народ ме ‘осудува’, а вас криминалот и кражбата на вашиот народ“, реагираше Лимани на Фејсбук.