СДСМ бара Муцунски да го повлече спорниот ДУП за бетонизација на Лисиче

Случајот „Парцели во Лисиче“ останува во фокусот на интересот на граѓаните во Аеродром. Поминаа точно 10 дена откако заврши јавната анкета преку која граѓаните му порачаа на Тимчо Муцунски дека се против изградбата на 9 висококатници на влезот на населбата Лисиче, рече на денешната прес конференција Милутин Ристески, координатор на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на Општина Аеродром.
-Точно 10 дена, наместо гаранција дека ќе ги избрише спорните градежни маркици, граѓаните слушаат лажни конструкции и лажни ветувања од Муцунски. Наместо да ги преземат сите потребни чекори за бришење на маркиците и на тој начин да ја спречат бетонизацијата на Лисиче, Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ држат изјави полни со изговори. Нови 9 висококатници на влезот од Лисиче, за граѓаните недвосмислено ќе значат намален проток на воздух, зголемен сообраќаен метеж, хаос од непрописно паркирани возила и преоптоварени капацитети на водоводната и канализационата мрежа, рече Ристески.
Тој во име на граѓаните на Општина Аеродром го праша градоначалникот Муцунски дали е точно дека највисоката од вкупно 9 висококатници во Лисиче, предвидено е да има 12 ката, односно приземје, 10 ката и поткровје, а најмалку 3 висококатници предвидено е да бидат на 8 ката, односно приземје, 6 ката и поткровје, додека 4 висококатници се предвидени да бидат подигнати над главна гасоводна цевка со пречник Фи-400 која ги поврзува индустриските капацитети во Железара и Усје?
– Зошто сопственици на позната градежна компанија лани купиле ниви со површина од над 1000 метри квадратни на местото каде што ја предвидувате највисоката висококатница? Ова се прашањата што ги интересираат нашите сограѓани од Лисиче, а не лажните вести кои ги произведуваат Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ од општинската и партиската говорница, нагласи Ристески.
Тој го повика градоначалникот Муцунски наместо да се занимава со продукција на лажни вести, да даде одговори на овие прашања кои граѓаните секојдневно му ги поставуваат и ја повика и Државната антикорупциска комисија, да отвори предмет и во целост да го расчисти случајот „Парцели во Лисиче“.
Од Општина Аеродром порачаа дека деталниот урбанистички план за дел од населбата Лисиче, решава важни урбанистички и комунални проблеми за граѓаните во овој дел од општината.
-Процесот за негова изработка е целосно транспарентен и во согласност со законите процес кој вклучува и усогласување и разгледување на забелешките добиени преку анкетните листови на граѓаните. Ширењето на лажни вести е само уште еден обид на СДСМ за дефокус од крупните корупциски скандали во кои е вклучен врвот на политичката партија, стои во соопштението на Општината Аеродром.
-Додека тие се обидуваат, да ги скријат зделките за нови луксузни хотели и фотоволтаици, ние во Општина Аеродром сме посветени на решавање на проблемите на граѓаните, преку хумана урбанизација која тековно се одвива на неколку локации. Општина Аеродром е првата општина која пренамени градежни маркички во паркови и зеленило. Изминатите денови, започнаа активностите за изведба на новиот парк ‘Радост’, а нови паркови и зеленилото стануваат реалност во неколку населени места. Новите инвестиции во Аеродром се проекти кои решаваат најголемите предизвици на граѓаните. Ние не градиме хотели, како тој на мајката на Богоев и во Аеродром нема да никнат фотоволтаици како тие на сопругата на Ковачевски. Изведбата на нови паркови, реконструкцијата и изградба на нови детски игралишта, инвестициите во детските градинки и училишта се дел од инвестиции во Аеродром. И тоа ја прави општината, простор во кој контиунирано се инвестира и убаво месо за грѓаните, соопштија од Општината без да дадат одговор за тоа како ќе изгледаат новите висококатници во Лисиче.