СДСМ бара министерката Јаневска да го повлече законот за образование, вршел дискриминација


Даниела Николова

 

Неинкузивен и дискриминаторски – така СДСМ го оценува поднесениот закон за основно образование и за да нема цраќање многу децении во минатото бара министерката Весна Јаневска да го повлече.

Пратнечката Даниела Николова на денешната прес-конференција изјави дека ваков како што е поднесен во моментов законот за основно образование врши дискриминација на децата со попреченост, води кон враќање на специјалните училишта и го враќа стресот кај родителите околу достапноста на образовните асистенти. 

„Козметички интервенции за да се прикаже инклузивност не е исто како и уважување на укажувањата на меѓународните организации и стручните тела. Оспорувањето на инклузијата на учениците со попреченост е неприфатливо. Комисијата за заштита од дискриминација посочи дека предложените измени се спротивни на концептот на инклузивно образование. Наместо унапредување, овие измени значат враќање кон специјалните училишта, со што се ограничуваат можностите за еднаков развој и учество на децата со попреченост.

Децата не смеат да бидат поделени по ниеден основ. Нашето општество не смее да се враќа назад. Сите деца се наши деца. Ниедно дете не смее да биде дискриминирано“, рече Николова.

Според неа, загрижувачка е одлуката да се избришат термините „род“, „родова еднаквост“ и „родов идентитет“ како дискриминаторски основи. Ова не само што е спротивно на Уставот и меѓународните обврски на државата, туку создава простор за насилство и дискриминација, особено во училиштата.

Таа ја повика министерката Весна Јаневска да го повлече предлог-законот за основно образование и заедно со стручната фела да се подобри текстот. „Ние сме подготвени да се вклучиме во таков процес“.  

Во исто време, ја повика и претседателката Гордана Силјаноска-Давкова како застапничка за еднаквост, родова рамноправност и недискриминација, да се вклучи и да се бори за правата на децата со попреченост и нивното право на образование.