СДСМ бара Мицкоски да одговара за ширење страв и паника

Орце Ѓорѓиевски возврати со барање да се вклучи Јавното обвинителство со истрага кому му одговараат пожарите во државата


Дрисла пожар (Фото: Б. грданоски)

 

СДСМ преку соопштение побара премиерот Христијан Мицкоски да одговара за ширење страв и паника оценувајжи дека за да си го спаси рејтингот, како ниету еден премиер досега, ги злоупотребил институциите и безбедносната состојба .

„Министериот Панче Тошковски во интервју за ‘360 сетепени’ призна дека нема осомничени дека одреден центар на моќ влијаел да се подметне пожарот во Трубарево и дека нема странски и домашни центри на моќ кои ја палат Македонија. Ова признание на Тошковски e директен демант на изјавите на Мицкоски. Дополнително, признанието на Тошковски е потврда дека Христијан Мицкоски ги злоупотребил институциите и безбедносната состојба со цел да ја покрие сопствената неспособност. Ова е потврда и дека Мицкоски без основа ширел страв и паника во јавноста.

По ова признание на Тошковски, Христијан Мицкоски треба да одговара за предизвикување страв и ширење паника во јавноста без да се базираат на било какви факти и докази. Ваква злоупотреба на безбедносната состојба само за да си го спасува рејтингот ниеден премиер не се осмелил да прави. 

Оваа влада и овој премиер се опасност по граѓаните, по нивниот живот, по здравјето, но се опасност и по институциите кои ги множат со нула и по државата во целина“, оценија од СДСМ.

Место тоа, кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓеорѓиевски, утрово тврдеше дека одредени политички партии и групации сакаат да профитираат политички од подметнатите пожари и побара Јавното обвинителство „веднаш да постапи“.

,,Ние имаме прво борба со нелуѓе коишто, за да профитираат политички, се во состојба да загрозат и човечки животи. Треба објективно да погледнеме. Тоа и претседателот на Владата го кажа вчера, кој од сето ова профитира, и на кого му одговара ваква состојба да го доведе народот во заблуда и ова да биде главна тема“, рече Ѓеорѓиевски.

Ѓеорѓиевски истакна има институции надлежни за истото и да се открие кој профитира од овие настани.

,,Еве, ако немаше на другите позиции материјален доказ, сега има материјален доказ. И евидентно е дека треба истрагата да оди во насока да се види на кого сето ова му одговара. Да се случеше само еден ваков ваков и да имаше снимка од тој случај тогаш можеме да имаме разни претпоставки која е причината за сето тоа“, кажа Ѓорѓиевски и додаде:

,,Последователно во период од 20 дена на одредени политички партии и групации главна кампања им е загадувањето во Скопје, за што имаа шанси години наназад да влијаат и да ја подобрат состојбата. Тоа да им биде целодневна преокупација и само за истото да говорат и да имаат по неколку јавни настапи, тогаш мислам дека јасно треба да ни е на сите. Само објективно согледувам кои се фактите и кој од ова може да профитира. На кого му оди ова во прилог“, заклучи Ѓеорѓиевски.