СДСМ бара Јавното обвинителство да отвори истрага за поставувањето на Христовски на чело на АНБ
СДСМ преку соопштение до медиумите бара Јавното обвинителство да отвори истрага за поставувањето на Бојан Христовски за директор на Агенцијата за национална безбедност.
Според СДСМ поставувањето на Христовски на чело на АНБ е незаконско затоа што тој не ги исполнува условите кои токму законите ги предвидуваат.
„Христовски нема меѓународно признаен сертификат за познавање англиски јазик туку се користел со фалсификуван документ што претставува прекршување на Законот и кривично дело кое повлекува одговорност“, посочува СДСМ.
Од таму додаваат дека наместо веднаш да го разреши Мицкоски по секоја цена го брани ова незаконско поставување, што според опозициската партија покажува дека за ВМРО-ДПМНЕ не постои ниту право ниту правна држава.
„Го повикуваме Јавното обвинителство да отвори постапка соодветно на своите надлежности. Повикуваме на транспарентна исграта која точно и непристрасно ќе утврди кој го овозможил ова и кој е одговорен за скандалот“, велат од СДСМ и додаваат дека Христовски не ги исполнува условите и треба да поднесе оставка од функцијата директор на АНБ а потоа да се утврди и одговорност за прекршувањето на законот.
За СДСМ ова е еден од најсериозните скандали кои го поткопуваат безбедносниот систем во нашата земја и мора целосно да биде расчистен.