СДСМ: Македонија нема влада туку картел

СДСМ смета дека Владата предводена од ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН е најнеспособната и најхаотичната што ја имала македонија досега, нарекувајќи ја неорганизиран „картел“.
„Додека ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН се занимаваат со внатрешни пресметки и коалициски кавги институциите се уриваат пред очите на граѓаните.Системот е на работ на колапс, а владата функционира како неорганизиран картел – повеќе фокусирана на тоа кој ќе земе повеќе, отколку на тоа како да се решат проблемите на народот.
Граѓаните секој ден гледаат – наместо работа, партиски препукувања. Наместо резултати, скандали. Наместо политики за народот, тивки борби за тендери и функции. Здравството во колапс, економијата во слободен пад, инфраструктурата заглавена. Плати за илјадници вработени во јавниот сектор не се неисплатени, проекти – нула. Не постои ниту еден реален чекор во корист на граѓаните. Владата не работи за народот, туку само за себе“, оценуваат од СДСМ.
Според нивна оценка, владата нема капацитет, нема план и нема визија за државата и единствено што продуцира се скандали и неспособност.
од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека владината мерка за замрзнување на цените и ограничување на маржите на основните прехранбени производи има позитивни ефекти и дека резултатите потврдуваат дека мерките се ефикасни и дека Владата продолжува со својата политика на стабилизирање на економијата и подобрување на животниот стандард.
„Според анализите на ССМ, во месец февруари 2025 година, трошокот за храна и пијалаци на едно четиричлено семејство изнесувал 23.427 денари. Во март истиот трошок се намалил на 21.838 денари, што претставува намалување од околу 3%. Во април, трошокот дополнително опаднал на 21.280 денари, што претставува вкупно намалување од 2.147 денари или речиси 9% во споредба со февруари.
Покрај намалувањето на трошоците, во март е регистрирано и намалување на инфлацијата, која падна на 2.7%, што е за 1.3% помалку во однос на февруари. Овие податоци кореспондираат со мерките на Владата и се потврда за нивната ефикасност во стабилизирањето на економијата.
Владата на ВМРО-ДПМНЕ донесе две одлуки за ограничување на бруто профитните маржи, кои овој пат беа скалесто поставени на 5%, 10% и 15% во зависност од производите, а според ДЗС ефектот е позитивен од двете владини одлуки.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ изработува нова потрошувачка кошничка, а цените ќе се пресметуваат како просек од неколку маркети, и кошничката ќе биде јавно достапна.Во рамки на спроведувањето на мерките, досега се извршени над 600 инспекциски контроли во трговијата на големо и мало, затворени се осум објекти поради прекршување на мерките, а контролите ќе продолжат до 30 април.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги штити интересите на граѓаните, и е насочена кон стабилизирање на животниот стандард“, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.