Саздов: Се обидов да ѝ помогнам на Ивана – не успеав


 

Во скопскиот Кривичен суд денеска продолжи процесот каде обвинет за наведување на самоубиство е Стојанче Јовановски, сопруг и татко на Ивана и Катја кои починаа на 2 март по пад од балкон во скопската населба Тафталиџе.

Сведокот Мартин Саздов, пријател на Стојанче, кој бил со него и на денот на трагедијата, рече дека е скаран со обвинетиот. На прашање на обвинителката Адела Бојчевиќ, која го застапува обвинението, како се чувствува денеска, после 2 март 2026 година, тој сведочи дека од тој датум како животот да му застанал. „Немам веќе мотивација за живот“, рече Саздов.

Саздов раскажа дека со обвинетиот Стојанче се запознале 2021 година кога заедно се вработиле во пожарна. Се дружеле две години, а се дружел и со сега покојната Ивана. На почетокот излегувале заедно со Ивана и со Стојанче, а подоцна и со неговата девојка, но кога дознал дека се гледал со неговата девојка, престанале да се дружат.

До 2 март 2026 година Стојанче и Мартин уште биле колеги на работа во пожарната служба, но во различни станици, едниот во Ѓорче, другиот во Автокоманда.

За односот со покојната Ивана, сведокот Мартин истакна дека додека се дружеле Ивана ја гледал како сестра, најдобра другарка.

Саздов сведочеше за ноќта кога во август 2025 година му се јавила Ивана во 1 по полноќ со плачење и побарала од него да ги земе со Катја од автопатот Штип – Скопје, затоа што Стојанче ги тепал и ги исфрлил од кола.

Ивана била модра, искубана, а плачеле двете со Катја.

„Ги зедов и заминавме накај Скопје. Ја прашав каде да ја однесам, ми рече дека ѝ е страв да оди дома, да не ја тепа пак. Ја прашав дали да ја однесам кај мајка ѝ, но таа одговори дека не сака мајка ѝ да ја гледа во таква состојба. Ја однесов кај мене, сестра ми беше дома, јас реков ќе излезам, да не ви биде незгодно. Требаше сабајле да одам на работа, тие да си седат раат“, рече Саздов.

По пат додека ги враќал дома Ивана и Катја, Саздов раскажа дека Ивана многу плачела, се гушкале со Катја седнати позади во возилото.

„Се обидов да ја смирам, ја прашав што се случило. Ми рече: ‘Гледав на телефонот на апликацијата, го утнав патот и Стојанче се изнервира и почна да ме тепа‚. И Катја раскажуваше за тоа што се случило. Катја ми кажа дека Стојанче ја удирал главата на Ивана од наслонувачот за раката помеѓу двете седишта. Катја ми покажуваше со раката дека Стојанче ја удирал главата на Ивана од наслонувачот. Забележав модрици кај Ивана на главата, на рацете, целата беше искубана и исплашена“, додаде Саздов.

Ивана и Катја му раскажале дека ги исфрлил од автомобилот како партали, ги нарекувал „к…и мали“ и двете.

Саздов сведочеше и дека Стојанче ја тепал Ивана и пред него кога се дружеле, но тој не можел ништо друго да направи, освен да го моли да престане.

Со Ивана се зближиле по настанот од Штип, но таа премногу се плашела, не кажувала никому што ѝ прави Стојанче, дури ни на родителите.

„Се обидував на секој начин да ѝ помогнам, но не успеав“, рече Саздов.

Ивана после настанот во Штип поднела тужба за развод, отишла да живее кај мајка ѝ, а таа и Саздов почнале да излегуваат заедно секој ден, сведочеше тој.

„Ја шетавме Катја. Ја носевме Катја во Зоолошка, на лулашки, во ‘Џамбо’, ја шетавме цело време. Се обидував да им биде убаво, да не бидат под стрес, да не бидат исплашени. Но Ивана секој ден ми зборуваше: ‘Мартин не знаеш каков психопат е, ќе нѐ убие двајцата‚. Јас ѝ реков да не се секира, има институции, ќе го решат проблемот. Во тој период бидејќи се зближивме излегувавме многу, ја засакав, и таа ми кажа – Мартин како што ми е сега со тебе во животот, никогаш не ми било вака, се чувствувам многу сигурно со тебе и смирено. Почнавме љубовна врска“, додаде Саздов.

Кога се шетале по кејот, Стојанче ги следел.

„Излезе пред нас, нѐ следел. На Ивана ѝ кажав да се тргне. Стојанче сакаше да се тепа, јас му велев – дај смири се, и ти си излегувал со две мои девојки, додека се дружевме, да зборуваме смирено. Отидовме во Автокоманда и ме праша од кај ми била таа информација, од кај сум знаел дека се гледал со мои поранешни две девојки. Јас дознав преку наш заеднички другар. Отидовме да се видиме со тој наш заеднички другар. Се расправавме таму, се завлековме, разговаравме на повисок тон, потоа се качив во автомобил да си одам. Се залета Стојанче со неговото возило и удри директно во двете возачки врати на моето возило“, опиша Саздов.