Сатја Грабулоски направи веганска јакна со ликот на Брајан Адамс – му ја подари по концертот во Скопје

Македонскиот дизајнер Сатја Грабулоски, кој е познат по изработката на уникатни и оригинални патики за светски спортски и музички имиња, ја однесе својата работа скалико погоре.
Тој и неговиот тим составија и исцртаа веганска јакна со ликот на Брајан Адамс, која канадската поп-ѕвезда ја доби по концертот во Скопје во неделата.
На јакната, тимот на SWithaDot работеше околу 180 часа. Освен ликот на славниот пејач, на самата јакна е испишан и насловот на неговиот најнов сингл Roll Up the Punches.
Грабулоски, кој низ годините правеше чевли и патики за многу славни музичари, вклучувајќи ги Дуа Липа, Стив Аоки, Мајли Сајрус и многу други, вели:
„Јакната е рачно составена од потврдени вегански материјали, бидејќи Брајан Адамс е веган. Целиот процес на составување, а потоа и на сликање, траеше приближно 180 часа рачна работа на целиот наш тим.
Темата на дизајнот е неговиот последен сингл Roll Up the Punches, а идејата да направиме јакна за Адамс, наместо патики, потекна од мојата мајка, која ја обожава неговата музика.
SWithaDot веќе 6 години за секој истакнат уметник кој ќе ја посети Македонија подготвува Welcome to Macedonia рачно нaсликан подарок, со идеја да му покажеме дека земјата во која доаѓа го цени, но и да го рашириме талентот на нашите македонски уметници низ светот.
Таков беше и случајот со Брајан, чија реакција беше искрена, со огромна насмевка и едно долго WOOOOW. Очекуваме да ја носи на некој од неговите следни настапи“.