Сашо Дранго слави роденден со торта со мечка и се подбива со истрагата на обвинителството
Неверојатна „ефикасност“ на битолското обвинителство: од јануари трае истрагата за отепаната мечка и засега нема ништо од неа. Истрагата за трагедијата во Кочани заврши за три месеци

БИТОЛА – Ветеранот на ВМРО-ДПМНЕ, демирхисарецот Сашо Дранго, синоќа славел роденден со иконографија со мечка, а многумина според деталите го протолкуваа како мајтап за истрагата што се води против него за реалната фотографија со отепаната мечка околу Нова година.
Славеникот Дранго роденденот го овековечил со фотографија со торта на која има илустрација од неговиот лик наспроти мечка, се обекол во маичка со апликација со мечка, што навидум личи на подбив за случајот кој го отворија истражните ограни за него, подбив за реакцијата на јавноста и одгласот на здруженијата за заштита на животните за реалната фотографија со отепаната мечка.
На фотографијата на Фејсбук, сега екс заменик-директорот на „Македонија пат“ Дранго е сликан паднат на колена, значи седи на подот на некоја кафеана, во едната рака ја држи тортата на која има украс како седи на маса со чаша вино в рака и наздравува со мечка. Маицата што ја носи е во бојата на кафеавата мечка, но овој пат избрал јадра мечка, а не како таа на реалната фотографија за која е под истрага. Зад него е декорирано со балони што оддава на славеничка атмосфера.
Над објавената фотографија Дранго напишал: „Еве, со мечево пак се сретнавме, ми дојде на роденден“, и ставил емотикон со намигнување, кој обично се користи кога некој се шегува или сака да испадне интересен.
Оваа роденденска фотографија Дранго ја ограничил само за свои пријатили што ги одбрал и не може јавно да ја види секој. Но, од фотографијата која ја доби „Независен“, се гледа дека од синоќа досега ветеранот на ВМРО-ДПМНЕ добил над 1.000 лајкови и над 600 коментари со честитки за роденденот.
Фејсбук пријател на Дранго му напишал среќен роденден со порака – „Сите желби реалност, ќе дојди и лаво, полека бате“.
Како што објави претходно „Независен“ истрагата за Сашо Дранго, кој се сликаше со отепана мечка уште трае, или поточно се развлече со месеци. Како да е тоа најкомплициран можен случај. Истрагата за трагедијата во Кочани се заврши за три месеци, а предистрагата за отепаната мечка и Сашо Дранго не може за осум.
Случајот предизвика бурни реакции во јавноста, оти Сашо Дранго тогаш беше заменик-директор на „Македонија пат“ и со партиска функција – претседател на Унија на ветерни на ВМРО-ДПМНЕ на Демир Хисар.
ОЈО Битола експресно отвори предмет и презеде дејствија за обезбедување докази. Дранго беше викнат во Обвинителството да даде исказ, а истражните органи со судска наредба влегоа и во неговиот дом во демирхисарското село Белче и извршија претрес. Јавно, ниту ОЈО Битола, ниту Дранго не кажаа што нашле во куќата кај тогашниот државен и партиски функционер. Особено за јавноста беше предмет на интерес дали евентуално полицијата ја најде пушката со снајперски нишан што Дранго ја држи во раката на спорната фотографија со мечката.
Од ОЈО Битола во јули последно потврдија дека за предметот на Дранго уште следат постапки што треба да се дополни истрагата.
„Постапката е во тек со дополнителни проверки за кои јавниот обвинител издаде соодветни наредби до СВР Битола“, одговори ОЈО за „Независен“ на 17 јули.
Денеска од ОЈО Битола за „Независен“ го соопштија само ова: „По насоки на јавниот обвинител постапува СВР Битола “
Од она што се знае досега е дека осомничениот ја направил оваа фотографија лани во декември. Тој тврдеше за медиумите дека не ја застрелал мечката, туку дека таа била жртва на сообраќајна несреќа, па тој и вработени во „Македонијапат“ само ја тргнале од коловозот на патот Битола-Ресен, по што тој се сликал со неа.
Меѓутоа СВР Битола го демантира и плус даде информација дека тој уште од 2018 останал без дозвола за поседување оружје. Од тука остана прашањето – чија била пушката со снајперски нишан.
Јавноста побара оставка од Дранго од втор човек на „Македонијапат“. Случајот доби и политичка димензија, па на крајот на јануари за случајот се огласи и премиерот Христијан Мицкоски, кажа дека не верува во неговата приказна за убиената мечка.
Но, Дранго не беше разрешен, тој за „Независен“ на СМС порака лично потврди дека само му завршил договорот во „Македонијапат“ .
„Не ме сменија, имав договор на шест месеци и ми заврши договорот“, изјави Дранго.
Спорната фотографија за Дранго со мечката ја обелодени Здружението за заштита на животните „Анима мунди“. Оттаму се децидни дека тој треба да одговара „кривично со најстрога казна земајќи го предвид неговото портфолио и тоа што беше функционер треба да послужи за пример“.