Сашо Дранго не е веќе заменик-директор на „Македонијапат“


Сашо Дранго со убиената мечка

 

БИТОЛА – Демирхисарецот Сашо Дранго не е веќе заменик-директор на „Македонијапат“ . Од денеска на негово место е назначен Александар Шуковски, економист од Ресен.

Дранго за „Независен“ на  СМС порака дали е разрешен напиша дека само му завршил договорот во „Македонијапат“ .

„Не ме сменија, имав договор на шест месеци и ми заврши договорот“, изјави Драго за „Независен“.

Сашо Дранго, на почетокот на јануари ја разбранува јавноста по објавувањето на  фотографија на која тој позира со  отепана мечка и  оружје в рака. По ова во истиот ден ОЈО Битола отвори предистрагата, која сѐ уште трее.  

Веста за смената на Дранго всушност ја објави Шуковски соопштувајќи за новото работно место и за функцијата му се заблагодари на премиерот Христијан Мицкоски на Фејсбук.

„Денес е мојот прв работен ден на позицијата, в.д. заменик-генерален директор на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта (Македонијапат).

Голема благодарност до претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, членовите на владата и членовите на управниот одбор на институцијата за дадената доверба.

Дадената доверба е голема обврска но и одговорност, затоа можам да ветам, дека напорно ќе работам за да ја оправдам довербата која ми е дадена“, напиша доцна попладнево Шуковски на својот Фејсбук профил.

„Независен“ пред некој ден објави дека распитот на Дранго што го најави ОЈО Битола пред две недели се чува во строга тајност. Ниту Обвинителството, ниту Дранго не открија дали бил на распит и што понатаму.

Неофицијално, до крајот на минатата работна недела Дранго не бил повикан на распит во ОЈО.

Премиерот Мицкоски последно за случајот со Дранго кажа дека не верува во неговата приказна, дека мечката била жртва на сообраќајна несреќа.  (А.Б.)