Сашко Тодоровски предвреме вратен од амбасадорската функција во Прага


На амбасадорот на Македонија во Прага, Сашко Тодоровски, му е скратен мандатот и тој е вратен во Македонија.

Ова го соопшти шефот на дипломатијата Бујар Османи на онлајн брифинг со новинарите, наведувајќи ги слабостите во работата како причина за оваа одлука. 

-Имало констатирани нерегуларности во неговата работа, нефункционалност,  лажно претставување на сопругата како културно аташе, непочитување на инструкциите од страна на МНР,  и тоа е подолг процес. Процедурата за неговото враќање трае повеќе месеци, рече Османи. 

Сашко Тодорвски беше  вратен и од Стразбур, додека беше  шеф на мисијата во Советот на Европа, а тој потег беше дочекан како обид на тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ да ги замолчи критиките. Инаку,  негова сопруга е Мирјана Најчевска, екс претседателка на Хелшинскиот комитет, која е чест и остар критичар на власта, и на оваа, и на претходните. Тодоровски пак беше претседател на синдикатот на МНР пред да се поделат на два, по партиска линија и важеше за наклонет на СДСМ.На функцијата во Прага беше од март 2021 година.

Наспроти ова, Тодоровски во изјава за Канал 5 демантира дека постоеле било какви нерегуларности во неговата работа. Оставката, вели, ја поднел своеволно и побарал да замине во пензија. Причините за да ја напушти функцијата вели се поради тоа што министерот Османи барал амбасадорите секојдневно лично да му испраќаат известувања за земјата во која се наоѓаат и што за Османи било неприфатливо неговата сопруга, универзитетската професорка Мирјана Најчевска, да биде како што вели слободен, но конструктивен критичар на власта.

-Османи откако стана министер побара ние како амбасадори да го известуваме него и само него. Тоа е тотална приватизација и узурпација на позицијата и ако некој ги прекршил законите и уставот тоа е господинот Османи . Секој ден секој амбасадор треба да му праќа порака на Османи за нешто во неговата земја или организација на акредитација, што и како не е битно, но важно е дека треба да биде порака на личниот телефон на министерот и само тој да биде известен за тоа прашање, што е спротивно на Устав и на закон. Ние како дипломатска мрежа имаме начин за известување во кое ги известуваме и претседателот и премиерот се разбира и министерот“- вели Тодоровски за Канал 5 .

Тодоровски вели дека е точно дека ја назначил неговата сопруга да биде аташе, но не од областа на културата, туку од науката, од причина што Најчевска е универзитетски професор и дека како амбасадор има право да ги користи „ресурсите со кои располага“, бидејќи добива 10 отсто од неговата плата за да врши дипломатски задачи, алудирајќи на исплатите за партнерите на амбасадорите предвидени со закон.