Сашко Кедев се повлекол од советот на министерот за скандалите околу операциите на срце


Фото: Б. Грданоски

 

Изгледа дека нема резултати во работата на комисијата на Министерството за здравство која треба да проучи дали имало скапи кардиоваскуларни интервенции кај пациенти на кои не им биле потребни.

Лекарот што го инцираше ова и чии изјави предизвикаа вистинска бура во јавноста, кардиологот Сашко Кедев, поднесол оставка во комисијата што ја формираше министерот Азир Алиу, јави Канал 5. Како причина за повлекувањето е наведен застојот во започнатите контролни процеси.

Известувањето за повлекување на Сашко Кедев од здравствениот совет е примено во Министерството за здравство на 23 јануари годинава. До овој документ преку свои извори во Министерството дојде „360 степени“.

„Ве известувам дека се повлекувам од работата на здравствениот совет на Министерството за здравство, од причина што сметам дека започнатите контролни процеси треба да ги спроведуваат исклучиво компетентни кадри со веќе докажан стручен и професионален кредибилитет“, пишува Кедев во известувањето до министерот Алиу.

Кедев наведува и дека се надева оти „јавното здравство ќе остане приоритет во политиките на Министерството за здравство“. Тоа може да се протолкува и на начин дека Министерството се поставува заштитнички кон приватните болници кои се меѓу засегнатите во случајот со непотребно извршените операции на срце.

Засега нема потврда дали и кога ќе почне со работа комисијата со странски експерти за откривање на овој скандал. Има и реакции дека во комисијата оформена од Министерството за здравство во контролните процеси не се вклучени компетентни кадри со докажан стручен и професионален кредибилитет, туку дека биле поставени интернисти и доктори од судска медицина.