Почина Саша Поповиќ, основачот на „Гранд продукција“


На 70-годишна возраст почина Александар Саша Поповиќ, музичар, основач и директор на Гранд продукција.

Тажната вест ја соопшти Гранд продукција, чиј основач и директор беше Поповиќ.

„Со неискажлива тага ја известуваме јавноста дека денеска по кратко и тешко боледување почина Саша Поповиќ, основач и креативен директор на Гранд продукција“, соопштија од Гранд продукција.

Александар Саша Поповиќ е роден на 24 април 1954 година во Нови Сад. Низ децениската работа, тој беше визионер и посветен професионалец. Преку музиката и телевизијата, тој откри и поддржа бројни таленти, обликувајќи го звукот и духот на една ера.

Во 1976 година, Поповиќ го основа бендот Лира шоу, кој изведуваше народна музика. Кога Лепа Брена стана пејачка во овој бенд, бендот го промени своето име во Слатки грех во 1982 година. По распадот на Слатки грех, Саша Поповиќ и неговиот менаџер Рака Ѓокиќ почнаа да работат на дискографија под продукција на ЗАМ, за која многу познати фолкери ги снимаат своите албуми. По смртта на Рака Ѓокиќ, неговиот брат стана косопственик на ЗАМ, со кого Лепа Брена и Саша Поповиќ набрзо се разделија.

Во 1998 година, двајцата основаа сопствена компанија Гранд продукција. На 3 декември 1998 година, Гранд Шоу за прв пат се емитува на телевизија Пинк, а тој датум се смета за роденден на оваа дискографска куќа.

Саша Поповиќ беше и семеен човек, сопруг и татко, кој својата најголема среќа ја наоѓаше во кругот на најблиските. Во брак со Сузана, со која сподели долгогодишна љубов и поддршка, ги одгледа своите деца Александра и Данијела на кои им беше неизмерна потпора и столб.