Сараевското народно позориште со две претстави во Македонскиот народен театар

Македонскиот народен театар (МНТ) денска и утре ќе биде домаќин на Сараевското народно позориште кое ќе го претстави својот уметнички израз преку претставите „Сараевскиот трговец“ и „Селска опера“.
Претставата „Сараевскиот трговец“ ќе биде изведене вечерва со почеток во 20 часот. Станува збор за драмско дело инспирирано од вистински настани, во кое авторот Игор Штикс ги поставува прашањата: Книга или живот? Театар или живот?
Режисерот Михал Дочекал ја оживува оваа приказна на сцената, во изведба на ансамблот од 16 актери. Претставата нуди интензивно емоционално и интелектуално искуство, отворајќи простор за размислување за уметноста и нејзината суштина.
Втората вечер ќе биде резервирана за претставата „Селска опера“ – музичко-сценско дело во режија на Андраш Урбан, засновано врз унгарскиот мелос. Оваа претстава ги преиспитува универзалните општествени вредности, истражувајќи ја суштината на човековото постоење преку музика, хумор и длабока критичка анализа.
Претставата поставува важни прашања за идентитетот, лицемерието и историјата, предизвикувајќи размислување кај гледачите.