Сарацин: Без уставни измени Македонија може да биде одвоена од другите на патот кон ЕУ

Македонија ризикува многу ако не ги усвои уставните измени, особено поради можноста ЕУ да ги отвори преговорите со Украина во декември оваа година. Тогаш Македонија би влегла во ризик да биде одвоена од другите држави на нејзиниот пат кон Унијата.
Оваа забелешка ја изнесе денеска специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин, при разговорите со претседателот на Собранието Талат Џафери.
Во соопштението од средбата од собраниската прес-служба се вели:
„Имајќи ја предвид можноста за отворање преговори со Украина во декември оваа година, ризикот од одвојување на нашата земја од останатите, без исполнување на потребните европски барања е неизбежен. Од тие причини, важно е како ќе биде формулирано прашањето за донесување на уставните измени, но уште поважно е да не се потценува временскиот период за нивно донесување“.
Сарацин му рекол на Џафери дека е изгубено многу време во регионот, а тековната динамика во ЕУ за забрзување на процесот на проширување не смее да се пропушти.
Германскиот специјален пратеник денеска се сретна и со делегација на ВМРО-ДПМНЕ на чело со претседателот Христијан Мицкоски (покрај него на средбата биле и Александар Николоски и Антонио Милошоски), но во соопштението на партијата не се наведува што им рекол Сарацин.

Во него се нагласува дека Мицкоски рекол дека со последните измени на Кривичниот законик власта се подготвувала за опозиција и директно ги амнестира своите кадри кои со тоа сакаатда ја одбегнат правдата. И дека еден од најважните приоритети на идната влада ќе биде борбата против корупција.
Понатаму се наведува дека Мицкоски зборувал за недостигот на учебници, проблемите во економијата и високата инфлација, а уставените измени се споменуваат на крајот од соопштението.
„Исто така, беше разговарано и за уставните измени при што Мицкоски го реафирмираше ставот дека оваа влада нема легитимитет за таков чекор и дека прифаќање на бугарски диктат нема да се случи“.