Санкциите на ЕУ ја погодија Србија, и за неа ќе нема рускa нафта


Александар Вучиќ

Земјите од Европската унија гласаа за осми пакет санкции против Русија, кој вклучува ограничување на цените на руската нафта што ја извезуваат трети земји. По усвојувањето на оваа одлука, Србија нема да може да увезува нафта од Русија преку Јанаф, што значи дека санкциите воведени кон Москва се префрлени и на Србија, пренесува српска Нова.

Првобитниот предлог на Европската комисија предвидувал исклучок кога станува збор за снабдување од Јадранскиот гасовод, но на инсистирањето на некои земји-членки на ЕУ тој предлог бил одбиен, бидејќи постои став дека нема оправдување поради кое Србија би била изземена.

„Србија не воведува санкции кон Русија, затоа не треба да има корист од отстапувањето. Другите земји-членки (ЕУ) се согласија со оваа позиција“, изјави дипломатски извор кој учествуваше во разговорите за новиот пакет санкции, пренесува Радио Слободна Европа.

Ваквата одлука, според режимските медиуми, го шокирала претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој смета, како што се наведува, дека Хрватска е најодговорна за блокадата што ѝ е наметната на Србија.

Според најавите, Вучиќ треба да се огласи по овој повод, а главната причина поради која српскиот претседател е незадоволен од одлуката на ЕУ е тоа што Бугарија, каде што работи рускиот Лукоил, доби привилегирана позиција, односно изземање.

Премиерката на Србија Ана Брнабиќ зборувајќи за воведувањето санкции против Србија, рече дека оваа одлука променила сѐ.

„Зборував дека претседателот ќе биде под огромен притисок. Денеска по оваа срамна одлука на Европската унија, Вучиќ ќе даде жесток одговор на санкциите на кои инсистираше Хрватска, да исклучат некои членки на Унијата од пакетот санкции, но на експлицитно барање на Хрватска тоа да ѝ го прават на Србија. Стотици милиони евра ѝ избиваат од џебот на нашата земја“, изјави Ана Брнабиќ на телевизија Хепи.

„Она што мислеа да и го направат на Русија, ни го направија на нас. Ја користат енергетиката за политичи уцени и одмазда. Хрватска и ЕУ тоа го дозволија. Ја користат енергетиката за политички цели“, рече Брнабиќ и додаде дека едвај чека ЕУ да го објасни тоа.

Министерот за внатрешни работи Александар Вулин, реагирајќи на одлуката на Хрватска да го запре увозот на руска нафта во Србија, рече дека е „подобро да се биде воено и политички неутрална земја отколку член на клуб во кој хрватските комплекси и одмазда ќе бидат закон и правило“. Тој наведе дека Србија во блиска иднина ќе мора да размислува за изградба на нафтовод во партнерство со други земји, бидејќи, како што рече, „секаде каде што усташите можат да и нанесат штета на Србија, тоа ќе го направат“.