Санкциите го уништија извозот на руската вотка

Извозот е намален за три четвртини, руските производители излезот го гледаат во Кина, Индија и Блискиот Исток


 

Испораките на руска вотка во странство во првиот квартал од 2023 година се намалија за 76,75% на 6,33 милиони долари во монетарна смисла. Во смисол на чист алкохол, извозот исто така е намален за 77% – на 752.027 литри, пишува рускиот весник „Ведомости“, повикувајќи се на податоци од Федералната царинска служба.

Падот се должи на забраната за снабдување со вотка во ЕУ, САД и Канада, вели Вадим Дробиз, директор на Центарот за истражување на федералните и регионалните пазари на алкохол. Според него, на овие пазари учествувале и до третина од вкупниот извоз, а скапата вотка се продавала во странство.

ЕУ го забрани снабдувањето со алкохол од Русија како дел од шестата рунда санкции во јули минатата година. САД воведоа слично ембарго речиси веднаш по почетокот на војната во Украина – во март минатата година, Канада воведе рестрикции во февруари.

Големите производители на вотка се обидуваат да ги преориентираат залихите на пазарите на ЗНД, Блискиот Исток, Индија и азиско-пацифичкиот регион. Претставникот на „Раст“ (марки „Руски стандард“, „Талка“) рече дека до 2024 година овие области целосно ќе ги заменат изгубените количини на извоз на Запад.

„Стелар груп“ (марки „Веда“, „Гжелка“) работи на зголемување на испораките во Африка, Централна Азија, Кина, Израел, изјави комерцијалниот директор на компанијата Александар Гревцов. Тој очекува раст на извозот во втората половина од годината.

„Ладога“ (марките „Царскаја“, „Хлебнаја“) исто така најави промена во ориентацијата кон овие региони. Главната тешкотија ја гледаат во логистиката, која сѐ уште не е поставена. „Ладога“ очекува да ја зголеми продажбата во Кина за 50%.

Според Росстат, во текот на трите месеци од 2023 година, производството на вотка се намалило за 8,6%, на 15,84 милиони декалитри.

На 18 април, шведската компанија „Абсолут“ ја објави својата одлука да престане со работа во Русија.

Во 2022 година, Русите почнаа да пијат 7,5% повеќе силен алкохол: во просек 6,8 литри алкохол по жител на земјата.