Санкциите би можеле да го нарушат снабдувањето со лекови во Русија


Западните производители на лекови и медицински помагала планираат да продолжат да извезуваат во Русија, но нивните планови би можеле да се искомплицираат со економските санкции по рускиот напад врз Украина, кои ги отежнуваат плаќањата.

Санкциите што САД, Велика Британија, ЕУ и Канада ги воведоа против Русија не вклучуваат лекови и медицинска опрема, но проблем би можеле да бидат казнените мерки против руските финансиски институции.

Исклучувањето на седум руски банки од СВИФТ и континуираните напади врз Украина може да предизвикаат прекини во снабдувањето, соопшти европската лоби група на производители на медицински уреди МедТекЈуроп (MedTechEurope).

– Замрзнувањето на банкарските трансфери навистина може да влијае на извозот на медицински помагала од ЕУ во Русија. Ние активно ги испитуваме размерите (на овие проблеми) и ќе видиме како ќе се развива ситуацијата, изјави портпаролот на МедТекЈуроп.

Обврска на секторот е, според меѓународното хуманитарно право, да продолжи да снабдува, посочуваат здруженија, експерти и раководители на компании.

Европската федерација на фармацевтски компании и здруженија во соопштение повика на безбедна испорака на лекови и вакцини до луѓето во Украина, соседните земји на ЕУ и Русија.

Производителите на лекови, вклучувајќи ги швајцарските Новартис, данските Ново Нордиск и Лундбек, британскиот ГлаксоСмитКлајн и американската Ели Лили, рекоа дека работат на тоа пациентите да имаат постојан пристап до лекови.

Ново Нордиск, најголемиот светски производител на лекови за дијабетес, соопшти дека ќе направи „сè што може за да продолжи да ги снабдува Украина и Русија“, но процени дека ќе има потешкотии поради санкциите. Компанијата веќе имаше проблеми со испораката на лекови во Украина.

Меѓународните хуманитарни организации се обидуваат да ја зачуваат испораката на есенцијални лекови во Украина, каде руските војници се обидуваат да ја преземат контролата врз големите градови, што поттикна повеќе од 870.000 Украинци да ја напуштат својата земја, а милиони да побараат засолниште од воздушните напади.

Аптеките во Украина веќе известуваат за недостиг на медицински материјали.

Снабдувањето со лекови и медицинска опрема на Русија дополнително е отежнато поради одлуката на големите логистички компании да го прекинат транспортот.

Данскиот логистички гигант А.П. Молер-Маерск вчера предупреди дека пратките за Русија, вклучително и медицинските материјали, може да бидат оштетени или да се расипат поради доцнење во пристаништата и царината.

ЕУ во 2020 година извезла фармацевтски производи во Русија во вредност од 6,5 милијарди евра, со учество во вкупниот извоз од околу 8,4 отсто, според Евростат.

Извозот на медицински уреди достигна вредност од околу 1,6 милијарди евра во 12-месечниот период до крајот на септември минатата година, според МедТекЈуроп.