Сања Божиновска и Зоран Љутков не се веќе во Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ
Министрите за енергетика и за култура, Сања Божиновска и Зоран Љутков, како и поранешната вицегувернерка на Народната банка, Маја Кадиевска-Војновиќ, повеќе не се дел од највисокото партиско тело на ВМРО-ДПМНЕ, Извршниот комитет, објави „Фокус“. Нов член на ИК станал Благоја Ташаминов, поранешен разузнавач и шеф на кабинет на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
Според неименуван висок функционер на владејачката партија на кој се повикува порталот, не станува збор за суштински, туку за „козметички“ измени, чија цел е министрите Божиновска и Љутков целосно да се посветат на државните функции, како и на раководењето на партиските комисии за енергетика и култура.
Кадиевска-Војновиќ, пак, се споменуваше како кандидат кој е во најтесна конкуренција за иден гувернер на Народната банка, заедно со ексминистерот за финансии Зоран Ставрески, но новите неофицијални информации говорат дека ќе се посвети на ангажманот во една приватна банка, пишува „Фокус“.
Новиот член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ – Ташаминов, порано бил дел од кабинетот на директорот на Агенцијата за разузнавање, но бил и шеф на кабинет на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, во време кога таа беше дополнителен заменик-министер за финансии во техничката влада во 2020 година.