Санадер стана шеф на затворска библиотека


Иво Санадер, поранешен премиер на Хрватска, стана шеф на затворската библиотека во затворот Липовица. Тој не е вработен, туку затвореник, но е задолжен за културното издигнување на затворениците, јавија хрватските медиуми.

Поради примерно однесување, но и нарушено здравје, поранешниот премиер Иво Санадер повеќе не е во Реметинац.

– Господинот Санадер е во КПУ Липовица неколку месеци. Тоа е полуотворен затворски систем, а сега тој е во многу подобри затворски услови од претходно“, објаснува неговиот адвокат Чедо Продановиќ за Нова ТВ.

Во Липовица 80-тина осуденици казната ја издржуваат во соби со просечна површина од 20 метри квадратни, а поранешниот премиер ја дели својата соба со цимер. Затворениците имаат постојана медицинска нега – лекар и две медицински сестри – и многу други придобивки.

Затворениците сами готват под менторство на професионален учител. Затворот има фискултурна сала, но и библиотека, за која, како што дознава Дневник на Нова ТВ, од неодамна раководел Санадер.

Според здружената пресуда за аферите Фими медиа, Планинска и ИНА-МОЛ, Санадер мора да помине вкупно 18 години зад решетки. Против него се водеа пет постапки, од кои во две е правно ослободен.

Преселувањето во овој полуотворен тип на затвор е еден вид подготовка за излегување на слобода. Затворениците имаат слобода на осумчасовен престој надвор од казнено-поправниот дом во самиот град. Доколку затвореникот ги почитува сите услови за време на ослободувањето, потоа се стекнува со право да си оди дома за викенд. Што се однесува до предвременото ослободување, тоа обично се доделува по две третини од казната, а може да се бара веќе по отслужување на половина од казната, а Санадер ќе го исполни овој услов кон средината на оваа година.