Самостојна изложба „Вечно женско“ на Татјана Миљовска


Во КСП Центар Јадро вечер ќе биде отворена самостојната изложба „Вечно женско“ на Татјана Миљовска.

Изложбата става акцент на патријархалната култура и религија како причини кои ја потиснуваат женската енергија, којашто пак е опишана како незаменлива во реализирањето на полнотата на чувството и креативната емоција.

Во делата вечното женско се манифестира како мудрост, духовна сила, хармонија и перфекција.

Сите серии на слики од оваа поставка се изработени во периодот од 2014 до 2015 година.

Татјана Миљовска е родена на 3 ноември 1966 година во Битола. Во 1992 година дипломирала, а во 2011 година магистрирала со темата „Возвишена убавина“ на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот сликарство.

Нејзините поистакнати самостојни изложби и се: „Кула на Мостот“ во Национална галерија „Даут – пашин амам“, Скопје (1996 г.); „Внатрешно Сонце“, Музеј на современа уметност, Скопје, (2003) ; „Езеро Мое“ во Магаза, Битола; „Сарај“ – Ресен и „Куќата на Робевци“ – Охрид, (2009); „Возвишена Убавина“, Музеј на Град Скопје, (2011) “ и „Духовното во апстрактното сликарство“, изложба и промоција на нејзината книга во Галеријата Метаноја, Скопје (2023).