„Самодоверба, комуникација, мотивација“ – неколкучасовен музички настан во Паркот на светлината
Јавен настан насловен „Самодоверба, комуникација, мотивација“ денеска попладне ќе се одржи во Паркот на светлината, спроти Мајчин дом, со почеток во 18 часот во организација на Општина Аеродром и ЕУ Институт Скопје.
Програмата ќе започне со промоција на публикацијата „Невербална комуникација“, по што обраќања ќе имаат претседателката на ЕУ Институт Скопје, Верица Пандиловска, како и претседателот на Европски институт за менаџмент, право и дипломатија, Зендел Абедин Шехи.
Во завршниот дел од настанот ќе настапат музички ѕвезди од македонската забавна и традиционална музика. Во текот на целиот настан ќе трае хуманитарна акција за собирање донации за жртвите на семејно насилство што живеат на територија на општината. Сите што ќе донираат 100 денари ќе добијат музичко ЦД од Верица Пандиловска, додека сите други што ќе донираат 200 денари ќе добијат примерок од публикацијата „Невербална комуникација“. Собраните средства транспарентно ќе бидат распределени онаму каде што се најмногу потребни.
Целта на проектот е постпандемиска поддршка на граѓанскиот сектор, преку модел на директно граѓанско учество во Општина Аеродром, со кој ќе придонесе за изградба на капацитетите за подобар живот на граѓаните и нивно разбирање со цел успешно функционирање во заедницата.