Само заеднички можеме да ја победиме корупцијата – ДКСК прослави 20 години
Фактот дека прославата е во Музејот на македонската борба, кој е дел од еден од најсомнителните проекти од аспект на корупција и несовесно работење, е потврда дека со тек на времето како да се помируваме, изјави на свеченоста вицепремиерката Грковска

Борбата против ова општествено зло – корупцијата, бара ангажираност на сите нивоа во општеството, затоа од исклучителна важност е сите релевантни институции да преземат активности во рамките на својата надлежност и да ја зголемат својата ажурност. Само заедничка борба и координација може да даде конкретни резултати, нагласи претседателката на Државната комисијата за спречување на корупција Билјана Ивановска, на свеченоста по повод 20-годишнината на ДКСК, што се одржа вечерва во Музејот на македонската борба.
Таа истакна дека никој не смее да ги занемари укажувањата на нашите пријатели од Европа и САД кога велат дека корупцијата во земјава е присутна во сите пори и мора да најде начин да ги разбиеме заедничките политички мрежи што овозможуваат цветање на корупцијата.
„Мора да постои вистинска политичка волја да се запрат овие мрежи. Досега напредокот на овој фронт сериозно недостига. Овие зборови се силен аларм за сите чинители во општеството, а секоја победа е значајно камче во мозаикот на здравото општество. Очекувам пораките од меѓународниот фактор да бидат прифатени и да се зголеми ефикасноста на другите институции кои понатаму треба да постапат по препораките и иницијативите на ДКСК кон целосно затворање на предметите“, рече Ивановска.
Претседателката на ДКСК потенцираше дека ако сакаме да изградиме функционална држава и да го спречиме иселувањето од земјава тогаш сите ние треба да си зададеме цел – изградба на здрави и силни институции со интегритет кои ќе овозможат владеење на правото.
„Искрено се надевам дека овој апел нема да биде само декларативно разбран, туку дека ќе поттикне силна акција кај сите нас. Ние во државната комисија за спречување на корупцијата до крајот на нашиот мандат ќе се заложуваме за овој принцип“, рече Ивановска.
Претседателот Стево Пендаровски на свеченоста нагласи дека борбата против корупцијата е круцијална за изградба на општество во кое доминира политичка култура фундирана врз јавниот интерес, а за сето тоа треба да се грижи јавна администрација регрутирана според највисоки критериуми.
„Со атак на овие темелни вредности корупцијата де факто станува најголем генератор на неправда и нееднаквост, а со тоа и најголема пречка на демократскиот развој на државата. Корупцијата генерира неправда затоа што ја етаблира културата на неказнивост. Ниската доверба во нашите правосудни институции е последица на раширената увереност меѓу граѓаните дека митото е пресудно за исходот на судските процеси или дека е невозможно да се излезе од правосудниот лавиринт без да се познаваат „вистинските луѓе на вистинските позиции“, истакна Пендаровски.
Претседателот наведе дека во текот на изминатите неколку години охрабрува проактивноста на ДКСК, особено по донесувањето на новиот Закон за спречување на корупција и судирот на интереси и на Националната стратегија.Тој нагласи дека реалната борба против корупцијата не е задача само на една институција и таа не треба да трае само во еден мандат.
Претседателот на Собранието Талат Џафери посочи дека Декларацијата против корупцијата не е само букви на бел лист хартија, туку дека тоа е основ од кој што треба да поаѓаме сите.
„Тоа е патоказ кој што треба да го следиме сите за доброто на сите. Ние не сме тука за лични интереси. Институциите не се наши лични институции, тоа се институции кон кои е насочена довербата на нашите граѓани, нивната надеж во подобро утре и ние како вршители мораме да ја оправдаме таа одговорна должнос“, истакна Џафери.
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, констатираше дека е постигнат извонреден напредок во капацитетот, во професионалноста и во независноста на Комисијата, но дека „корупцијата и понатаму е еден од најгорливите проблеми со кои се соочува нашата држава. И покрај забележаниот напредок на Северна Македонија во борбата против корупцијата за 24 места погоре, регистриран од ‘Транспаренси интернешенел’, тоа не е доволно.
Според неа, „денеска е вистинскиот момент да се запрашаме што треба да промениме во пристапот, каде грешиме, во кој дел можеме да бидеме поефикасни, кои се нашите приоритети. И самиот податок што денеска овој јубилеј го прославуваме во овој објект на Музејот на македонската борба, кој е дел од еден од најсомнителните проекти од аспект на корупција и несовесно работење, е потврда дека со тек на времето како да се помируваме и како да го прифаќаме она што не смее во ниту еден случај да биде прифатено“, нагласи вицепремиерката.
Таа ги охрабри членовите на ДКСК: „Ја имате поддршката од Владата, но што е уште поважно ја имате поддршката од граѓаните, кои веќе немаат толеранција за ниту едно коруптивно постапување. Граѓаните бараат брза и ефикасна реакција и што е најважно бараат резултати“.