Само во јануари ДПИ изврши повеќе од 1.500 надзори, издаде прекршочни налози од над девет милиони денари


Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во јануари годинава изврши повеќе од 1.500 надзори на цела територија на државата при што издаде прекршочни платни налози во вредност од над девет милиони денари.

Согласно Законот за трговија, издадени се над 30 прекршочни платни налози, над 100 за Законот за финансиска дисциплина, над 40 прекршочни платни налози се издадени за Законот за заштита од пушењето, над 10 за Законот за заштита на потрошувачите и над 20 за Законот за вршење угостителска дејност.

– ДПИ врши континуирани инспекциски надзори кај трговците на големо и трговците на мало во делот на почитување на Одлуката за посебни услови за трговија на одделни стоки односно за ограничување на маржата. Секое отстапување од највисоко утврдената маржа од 5 и 10 отсто во трговијата на мало и трговијата на големо се санкционира. Според оваа Одлука за ограничување на маржата кај основните прехранбени производи, во јануари се извршени над 300 инспекциски надзори и не се забележани отстапувања од предвидените ограничувања за маржата, информира в.д. директорот на ДПИ Горан Трајковски на денешната средба со новинарите.

Заклучно со 31 јануари, како што истакна, забележано е намалување на цените на маслото за јадење од 21 до 46 денари за литар, кај млекото има намалување од два до пет денари за литар, кај јогуртот од седум до 14 денари за литар, кај павлаката од осум до девет денари, кај лебот од еден до пет денари во зависност од производителот и грамажата…

– Не потпаѓам под притисоци. Законот ќе биде ист за сите, нема да има селекција ќе се вршат надзори и доколку има потреба ќе се санкционира, порача Трајковски.

Според пријавите кои ни пристигнуваат, додаде тој, кај граѓаните најголема е загриженоста поради зголемувањето на цените.

– Она што е во надлежност на ДПИ, а се однесува на цените на производите, е да постапува согласно одлуката на Владата која се однесува на ограничување на маржата на одредени производи од 5 до 10 отсто кај трговците на големо и мало, но не влијаеме врз формирањето на цени на пазарот, ниту, пак, одредуваме кој производ според која цена треба да се продава, цените се формираат на слободниот пазар, рече Трајковски.

Посочи дека често поставувани прашања и поплаки доаѓаат поради разлика на изложената цена и цената на каса.

– Имаме и доста пријави за измами при онлајн продажба. Главен проблем се нерегистрирани трговци. За да може ДПИ да постапи неопходно е да постои фискална сметка или фактура. Потврди од доставувачи на производи при онлајн продажба не претставуваат доказ. Зголемениот обем на онлајн продажба претставува и нов предизвик и веројатно ќе треба да направиме анализа на потребите за допрецизирање на регулативата и одредено реорганизирање на работата на Пазарниот инспекторат, потенцира Трајковски.

За законот за двојазични етикети и декларации на сите производи во земјава рече дека имал краток рок од само осум дена за стапување во сила и додаде дека имале препорака и од Словенија рокот да биде најмалку шест месеци. Во моментов, како што кажа, инспекторите спроведуваат надзори за ова законско решение, но даваат решенија со опомена и рок од 30 дена да се отстранат неправилностите.

ДПИ, како што истакна, во моментов има околу 170 инспектори кои работат во 11 подрачни единици. Во Скопје има само 50-тина инспектори. ДПИ врши инспекциски надзор над примената на законите, другите прописи и акти од страна на трговските друштва, други правни и физички лица како и граѓаните  кои најчесто се однесуваат на безбедноста на производите, заштита на потрошувачите, дејности од областа на трговијата, угостителството, туризмот, занаетчиството, заштита на правата од индустриска сопственост како и други работи определени со закон.

– Сакаме граѓаните да бидат точно информирани за што сме овластени да постапуваме, за да не доаѓа до забуни и недоразбирања. Работиме на воспоставување на функционални комуникациски канали, прво функционална мобилна телефонска линија, преку која граѓаните ќе може полесно да се информираат и да пријавуваат нерегуларности. Понатаму воспоставување и интернет мобилна апликација за пазарниот инспекторат која ќе биде поврзана со нашата веб-страница и уште повеќе ќе го олесни начинот на пријавување и пристап на информации до граѓаните, рече Трајковски и додаде дека мобилната апликација треба да биде функционална за два до три месеци.