Само вие одморајте


Во четвртокот вечерта, новинарите што ја следат работата на Основното јавно обвинителство добија порака на мејл каква што вообичаено добиваат од таму кога е во прашање некоја активност или акција. Дента кога во јавноста протекоа снимки од домот на бизнисменот Орце Камчев, на кои се гледа како им дава пари на Бојан Јовановски и на Зоран Милески за да му помогнат во случајот „Империја“, а како еден од гарантите е наводно и специјалната обвинителка Катица Јанева, од редовното обвинителство имаа да соопштат оти извршиле увид во гаражата на Основниот суд во Струмица каде што попладнето избувнал пожар. Меѓу другото, се прегледувале и снимките од видеонадзорот над објектот.

За оние другите снимки, со кои се занимава целата држава и која ги ниша темелите на Владата и целосно ги поткопува темелите на обвинителството, немаше кој да коментира. Луѓето се на одмор.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, додуша, комуницира преку пораки со новинарите и колку-толку им одговара на прашањата, додека обвинителката Вилма Русковска, која е задолжена за случајот „Рекет“, само кусо порачува оти е на одмор, а за јавноста ќе има време кога ќе се врати на работа.

Покрај нив двајцата, на одмор е и Јанева, која добива масажи на главата додека лежи по плажите во соседството. Не сака да каже дали најновите снимки ѝ предизвикале главоболка или едноставно ја „боли уво“ за сè.

Просто неверојатна е леснотијата со која првите луѓе во и околу случајот „Рекет“ ја третираат истрагата за скандалот што почна да се движи со невидени размери. Отидоа луѓето на распуст небаре треба да ја истражуваат авионската несреќа на Борис Трајковски или атентатот на Киро Глигоров. Настани што се случија пред петнаесетина или повеќе години и случаи во кои веројатно никој не очекува да ги дознаеме клучните одговори.

Но, во случај кога сите личности што се споменуваат во рекетот се живи и здрави, а некои и на функција, необјасниво е, барем за обичната јавност, истрагата да отиде на распуст. Обвинителите, пред сè, се јавни личности и луѓе што се платени да бидат на значајни функции и тоа со буџетски пари, значи со пари на граѓаните што плаќаат данок. За возврат, од нив се очекува секогаш да бидат на висина на задачата и на работните обврски. Сега по ново, по сè изгледа, доволно ќе бидат само „да бидат на работа“. Под претпоставка дека нешто и ќе сработат кога се веќе во канцеларија.

Се разбира, и тие се луѓе, и тие имаат право на одмор. Но, белки се доволно свесни оти сега не е моментот.

Додека се на одмор, истрагата ја водат медиумите. Тие, пак, знаат да бидат исклучиво професионални, ама и да бидат во служба на одредени интереси. Партиски, општествени, бизнис, приватни… И во наплив од информации, лесно се протнуваат лажни вести. Оти кога нема кој да каже што е вистина или лага, и едните и другите без филтер завршуваат во увото на граѓаните.

Во отсуство на обвинителите, неутралната јавност сака одговор на следниве прашања: Од каде толкава моќ на Боки 13 и на Зоки Кичеец? Дали тие самите се одлучиле да собираат пари од бизнисмени што имаат мака со СЈО или биле во дослух со Јанева, која им давала од снимките што ги поседува? Ако не, зошто ја спомнувале во секој разговор? Зошто не е повикана на распит?

Дали Камчев навистина бил рекетиран или сакал да плати за да биде ослободен? Ако во почетокот бил во дил со „рекетарите“, кога му текнало дека ќе ги намести? Дали некој тоа му го кажал? Кој му помогнал?

Зошто луѓе од највисоките партиски и државни раководни места од владејачката партија се дружеле со Боки 13? Зошто му се поклонувале како на крал кога им е познат неговиот бекграунд и на луѓето што немаат информации од прва рака? Дали некој друг ќе одговара освен Боки и Кичеец?

Дали некој ги штити главните играчи во случајот? Дали тие се од внатре или од надвор?

Кому му одговараше целиов хаос и кој ќе извлече најголема корист од бербатењето на СЈО, од тешкиот јазол околу новиот закон за обвинителство и од сестраниот напад врз Владата? Уште поважно, кој ќе се спаси од прогон за криминали што ги слушавме во изминатите „бомби“?

Ова се само некои од прашањата што заслужуваат одговор. Да не биде дека јавноста сама ќе ги одговори додека Обвинителството одмора.

Горан Адамовски