Само три проценти од парите за политичко рекламирање се исплатени на медиумите


Фото: Б. Грданоски

Државната изборна комисија во законски утврдениот рок, ги нема подмирено своите обврски во целост, односно заклучно со 23.08.2024 година има исплатено средства во износ од 7.824.013 денари (околу 127 илјади евра) што претставува само три отсто од вкупната обврска за платено политичко рекламирање, се вели во извештајот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во однос финансирањето на изборните кампањи за парламентарните избори, доставен до Собранието.

„Причината за одложувањето е недостигот на буџетски средства, кои средства биле пренаменети за друг државен орган“, пишува во документот.

Овој извештај ќе се разгледува во Собранието на 24 септември.

Од ДКСК во извештајот утврдуваат дека изборната кампања е финансирана со 64 проценти од средствата обезбедени од Буџетот, додека 36 проценти се средства обезбедени од други извори на финансирање.

Од Антикорупциската комисија констатираат дека доцнењето во исплатата може да предизвика значајни последици, како што е нарушување на довербата на политичките субјекти и медиумите во транспарентноста и ефективноста на изборниот процес.

„Ваквата ситуација ја истакнува потребата за подобро планирање и управување со финансиските средства од страна на државните институции, со цел да се избегнат вакви пропусти во иднина“, се вели во извештајот на ДКСК.

Парите за рекламирањето низ медиуми се обезбедуваат од Буџетот на Република Северна Македонија и се исплаќаат од страна на ДИК, а годинава беше пресметана рекордна сума пари наменета за платено политичко рекламирање од 10,6 милиони евра.

Инаку, медиумите се должни извештаите за реализирани услуги заедно со фактурите да ги достават до ДИК најдоцна пет дена по настапувањето на предизборниот молк. Потоа, комисијата има обврска да им исплати пари најдоцна 30 дена по објавувањето на конечните резултати. Ова би значело дека рокот за исплата е поминат од пред три и пол месеци.