Само средношколците од прва година добиваат дигитален билет за ЈСП, студентите ќе почекаат


Ќе ги издржи ли градскиот превоз во Скопје нереалните политички ветувања (Фото: Б. Грданоски)

Средношколците од прва година во градските средни училишта во иднина освен пластични персонализирани билети за бесплатен јавен превоз, ќе можат да користат и билети во електронска форма, односно дигитален пас, но само тие, затоа што оваа промена ќе се одвива во неколку фази, за средношколците од втора, трета и четврта година, а потоа и за стидентите.

Ова се предвидува со измените и дополнувањата на Одлуката за интегриран тарифен систем во линискиот превоз на патници во градот Скопје, кои беа усвоени на денешната седница на Советот на Град Скопје и кои претставуваат новина во работењето на ЈСП Скопје во насока на дигитализација на услугите во јавниот превоз.

Дигиталниот пас, ќе може да се користи преку мобилната апликација ЈСП Скопје, а неговото воведување ќе се реализира постепено, по категории корисници, според техничките и организациските услови за имплементација на системот.

Во почетната фаза, примената ќе започне со учениците од прва година во средните училишта во надлежност на Град Скопје, како и во државните средни училишта. Во наредната фаза, примената ќе се прошири и на учениците од втора, трета и четврта година, кои веќе поседуваат постојни персонализирани електронски картички – се наведува во образложението на одлуката.

Со електронското издавање и активирање, Град Скопје и ЈСП очекуваат поедноставување на административните и на оперативните активности поврзани со издавањето и замената на физичките картички, како и поефикасно управување со корисничките права.

Дигиталниот пас ќе биде персонализиран и поврзан со конкретен корисник, а неговото користење ќе се евидентира преку електронскиот систем на ЈСП Скопје. Во случај на неправилна или неовластена употреба, ќе може да биде блокиран или деактивиран во системот.

Како што е наведено во измените на одлуката, при валидација на дигитален пас се евидентираат податоците потребни за идентификација на електронската картичка, датумот и времето на валидацијата, видот и периодот на важност на пасот, податоците за возилото, возачот, линијата, насоката на движење и стојалиштето, како и податоците за корисникот и категоријата на која и припаѓа, според прописите за заштита на личните податоци.

За издавање и активирање дигитален пас нема да се бара фотографирање на лице место, ниту доставување фотографија во печатена форма, доколку идентификацијата на корисникот се врши преку електронскиот систем и мобилната апликација на ЈСП, а ќе биде активиран за периодот за кој корисникот го стекнал правото на бесплатен или повластен превоз и престанува да важи по истекот на тој период.

Притоа, ЈСП има можност да блокира или, како што пишува во одлуката, да стави на т.н. „црна листа“ одредени електронски картички и дигитални пасови, по што тие не можат да се користат во системот за електронска наплата во возилата.

Електронската картичка или дигиталниот пас може да се блокира, односно да се деактивира, по налог или барање на ЈСП, на корисникот на возниот документ или по барање на контролорите во автобусите, со што електронска картичка станува неважечки документ.

Дигиталниот пас може да се блокира или деактивира особено во случај на неправилна или неовластена употреба, користење од друго лице, истек на рокот на важност или престанок на условите врз основа на кои е издаден – се прецизира во измените.

Советниците од Левица побараа од директорот на ЈСП подетални информации околу заштитата на личните податоци на средношколците, прашаа дали ќе има алтернативен билет, односно дали сѐ уште ќе се применува досегашниот месечен билет и зошто не се споменуваат студентите, за кои исто така беше најавено дека ќе користат дигитална картичка.

Директорот на ЈСП Саше Илиевски посочи дека целта на воведувањето на овој билет е да се поедностави постапката, да нема шалтери, да нема чекање по билетарниците и да ја нема досегашната процедура

Се воведува дигитален пас, досега го имавме во апликацијата вметнато месечниот билет, но го немавме за средношколци. Во однос на заштита на податоци, ние и досега сме ги добивале од средношколците, сега добиваме мејлови, каде ќе им биде испратена порака како да ја инсталираат апликацијата и да ја користат, а со тоа добиваат и кју ар код – рече Илиевски.

Тој посочи дека средношколците многу често ги забораваат пластичните картички, но никогаш не го забораваат телефонот, па едноставно ќе им биде да користат дигитален пас.

– Сега ги дигитализираме нив, а во следна фаза ќе влезат и студентите. Целата постапка мора да оди чекор по чекор – истакна директорот.

Од друга страна, деновиве имаше соопштение дека студентите исто така ќе можат со дигитален билет да се возат со автобусите на ЈСП, но денеска, на седницата на советот на Град Скопје,  се покажа дека не е така. Воведувањето на оваа услуга за студентите, ќе следува по завршување на средношколците од четирите години, а потоа постепено ќе се воедува и за студентите, почнувајќи од оние од прва година, па натаму. 

ЈСП „Скопје“ воведува дигитална студентска превозна картичка