ЈСП „Скопје“ воведува дигитална студентска превозна картичка


Фото: Б. Грданоски
ЈСП Скопје, со поддршка од Град Скопје и во соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УКИМ), започнува со воведување на дигитална студентска превозна картичка за користење на бесплатниот јавен превоз, која ќе се имплементира за студентите на државните универзитети во Скопје, вклучително и Универзитетот „Мајка Тереза“ – Скопје.
 
Процесот ќе се одвива дигитално, преку автоматска синхронизација на податоците меѓу ЈСП Скопје и универзитетите, поради што нема потреба од доставување хартиени потврди или посета на билетарите за заверка на студентскиот статус.
 
Студентите ќе добијат упатства на својата e-mail адреса и преку мобилната апликација SkopjeBus ќе можат да ја активираат и користат својата дигитална превозна картичка. При најавувањето во апликацијата, потребно е да го користат истиот e-mail што го користеле при регистрацијата на универзитетот.
 
Картичката ќе биде достапна во апликацијата со QR-код, кој ќе се користи за валидација при патување.
 
За начинот на активирање и користење, студентите ќе бидат навремено информирани.