Само што го повлече, Софија се пазари за враќање на амбасадорот

Ако се обезбедат услови за почнување на дијалог на високо ниво меѓу Бугарија и Македонија или ако премиерот Ковачевски го убеди колегата Донев дека ќе се подобрат односите, амбасадорот Ангел Ангелов ќе се врати во Скопје, најави министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков.
– Ние одлучивме да го повлечеме амбасадорот и тоа е координирано од највисоко ниво. Тоа е национален и правилен одговор. Таму можеби не се дава такво значење на ситуацијата, но амбасадорот Ангелов ни е неопходен тука за да се координираме. Тој би можел да се врати во Скопје кога ќе се создадат услови за тоа, односно ако започне дијалог на високо министерско ниво во кое амбасадорот по принцип учествува на тие разговори. Или ако на некаков начин разговорот на премиерите денес ги олабави односите, тогаш може да разговараме за враќање на амбасадорот во Скопје – рече Милков.
Бугарија исто така ќе бара гаранции од властите во Македонија дека локалните институции ќе ги исполнат своите функции.
„Бугарите и луѓето со бугарска самосвест немаат доверба во македонските институции, таквите поплаки што ги поднесуваат не се разгледуваат или ако се разгледаат добиваат негативен резултат, а овие Бугари стануваат жртви на малтретирање и закани. Треба да се увериме дека македонските институции ќе започнат со своите функции. Комисијата за заштита и спречување на дискриминацијата наместо да ги разгледува извештаите, се сврте против нив. Под овој притисок, кој се врши таму, Бугарите во Северна Македонија немаат многу опции – или да престанат со своите активности и да се поклонат, или да се вратат во Бугарија. Тоа мора да биде дел од нашиот дијалог таму за да може да се прекине овој маѓепсан круг – се жалат тие, а тоа им се враќа назад. Нападнат е бугарски клуб, членовите на тој клуб се повикани на распит во полиција и не се знае во кое својство. Ова е главниот проблем, што какви механизми и да поставиме, ако не се институциите, нема да има резултати“, посочи тој.