Само Данска ја спровела Директивата за обновлива енергија – другите членки на ЕУ опоменати


 Против 26 земји членки на Европската Унија денеска е започната постапка поради доцнење со пренесување на правилата за забрзување на издавањето дозволи за проекти за обновлива енергија во националното законодавство.

Законскиот рок за пренесување на ревидираната Директива за обновлива енергија, која се однесува на поедноставување и забрзување на процедурите за издавање дозволи, беше 1 јули 2024 година. Досега само Данска ја известила Комисијата дека целосно ја пренела директивата.

Затоа, Европската комисија одлучи да испрати официјални опомени до сите останати членки, кои сега имаат два месеци за одговор. Доколку не добие соодветен одговор, Комисијата ќе испрати образложено мислење, што е следниот чекор во постапката за прекршување на правото на ЕУ.

Европската комисија еднаш месечно објавува пакет одлуки во рамките на постапката за прекршување на правото на ЕУ. Оваа постапка има три чекори: прво се испраќа официјална опомена, а ако прашањето не се реши, се испраќа образложено мислење. Доколку државата членка не соработува, Комисијата може да го упати предметот до Судот на Европската Унија, но повеќето случаи се решаваат пред тоа.