Само 65 приговори во врска со „Безбеден град“ во март, значително помалку од февруари


Фото: Б. Грданоски

Mинатиот месец значително се намалил бројот на поднесени приговори што граѓани и фирми ги поднесуваат до Основниот кривичен суд Скопје во врска со системот „Безбеден град“, односно со издавањето прекршочни налози за евидентирани сообраќајни прекршоци, информираат од Кривичен.

Имено, граѓаните и правните лица кои не ја прифаќаат одговорноста за сторениот прекршок можат да поднесат приговор до надлежниот суд. Станува збор за поднесени барања за поведување прекршочна постапка од лица на кои им стигнала порака со платен налог дека сториле сообраќаен прекршок, но не сакаат да ја платат во Министерството за внатрешни работи (МВР), затоа што сметаат дека не сториле прекршок или дека има недостатоци во системот.

Во вториот месец од стартот на системот „Безбеден град“, според скопскиот Кривичен суд бројот на приговори е значително намален, а веќе се завршуваат и предметите по претходно поднесените приговори.

Како што информираат од судот, минатиот месец, до него стигнале, односно биле поднесени вкупно 65 приговори, што е значително помалку од 476 приговори кои беа поднесени во февруари, првиот месец од почетокот на функционирањето на системот „Безбеден град“.

Од приговорите, 22 се поднесени од правни лица, а 43 од физички лица.

Она што може да се забележи од статистиката на скопскиот Кривичен суд е дека особено е намален бројот на приговори од правни лица, ако се земе предвид дека во февруари, според информациите од Судот, нивниот број беше 431 приговор. Од друга страна, бројот на приговори кои дошле од физички лица е речиси идентичен, со таа разлика што во февруари имаше два приговори повеќе, односно 45.

Поголемиот број приговори поднесени од правни лица во февруари според појаснувањето што тогаш го дадоа од Кривичен лежеше во предизвикот со возилата кои се дадени на користење со договор за лизинг, како и случаите каде што граѓани продале возила, но не биле одјавени во Министерството за внатрешни работи.

„Дополнително, во текот на месец март од доставените приговори, од кои најголем дел се веќе во фаза на постапување, со пресуда се завршени 92 предмети“,велат од Основниот кривичен суд Скопје.

Инаку, како што претходно информираа оттаму, по овие предмети постапуваат 16 судии од Одделот за прекршоци.

„Сите поднесени приговори навремено се заведуваат и согласно одредбите од Законот за прекршоци, во утврдениот рок од 8 дена, се доставуваат до Министерството за внатрешни работи (МВР) за нивно произнесување, што претставува неопходен предуслов за понатамошно постапување“,додаваат од Кривичен.