Самитот Брдо-Бриони започна со свечена вечера во Котор


Котор – Самитот на лидерите на Процесот Брдо-Бриони, регионална иницијатива за подобрување на добрососедските односи на Западен Балкан, почна вечерва со свечена вечера организирана од претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.

Во здравицата на вечерата за лидерите од регионот, Милатовиќ рече дека Самитот е можност за подобрување на добрососедските односи и регионалната соработка и за зајакнување на стратешкиот дијалог меѓу Европската унија и земјите од Западен Балкан, објави неговиот кабинет. .
На вечерата беа претседателите на иницијаторите на Процесот Брдо-Бриони – Словенија и Хрватска, претседателите на земјите од Западен Балкан, освен претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој утре ќе допатува во Црна Гора.

Работниот дел на самитот е пленарна седница што ќе се одржи во Тиват, на која шефовите на државите од регионот и на Словенија и Хрватска ќе разговараат за прашањата за подобрување на соработката на земјите од Западен Балкан со членките на Европската Унија.

По пленарната седница предвидена е прес-конференција на која ќе говорат претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар и претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ.

Процесот Брдо-Бриони е заедничка словенечко-хрватска иницијатива започната во 2010 година, формирана за да ја зајакне меѓусебната доверба и да им помогне на земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон Европската унија. Членови на иницијативата се Црна Гора, Србија, Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, како и Косово. 

Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова престојува во работна посета на Црна Гора, по повод учеството на состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони, на покана на претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.

Од Кабинетот на Сиљановска Давкова информираа дека темите на дискусија на кои се фокусира самитот се надоврзуваат на Декларацијата усвоена на минатогодишниот состанок на Процесот Брдо-Бриони и ги адресираат прашањата поврзани со младите и младинските политики, потребата од поголемо регионално поврзување, одржливиот развој и заштита на животната средина, како прашања од заеднички интерес за земјите од Западен Балкан.