Саманта се враќа во продолжението на „Сексот и градот“


Враќањето на легендарната Саманта Џонс во продолжението на серијата „Сексот и градот“, сега под наслов – „И едноставно така…“ пријатно ги изненади обожавателите кои нетрпеливо ја чекаат втората сезона.

Авторката на приказната, Кендис Бушнел говореше за враќањето на Ким Катрал во разговор за списанието „Варајети“. Самата глумица во мај потврди дека ќе се врати како Саманта. Но, засега во само една сцена, во последната епизода од втората сезона, во која нема да се види „лице в лице“ со Кери Бредшо (Сара Џесика Паркер), но телефонски ќе разговара со неа.

– Нејзиниот лик претставуваше олицетворение на слободата за жените. И мислам дека обожавателите се навистина возбудени поради нејзиното враќање, дури и ако тоа е само една сцена во автомобил, рече Бушнел.

Катрал, инаку, одби да глуми во „одгранокот“ на ТВ-серијата од пред две години, поради нејзините колешки Сара Џесика Паркер, Кристин Дејвис и Синтија Никсон, со кои таа со години е во лоши односи.

Таа глумеше во сите шест сезони на ТВ-серијата „Сексот и градот“ и двата долгометражни филма потоа, но за ова нејзино враќање имала два услова. Ким, имено, ја снимила новата сцена без никаков контакт со нејзините поранешни колешки. Како второ, побарала при снимањето на таа сцена, режисерот Мајкл Патрик Кинг, кој инаку е многу близок со Сара Џесика Паркер, да не биде на сцената.

Новата, втора сезона на „И едноставно така…“ (And Just Like That…) почнува на 22 јуни и ќе трае до 24 август.