Салиу: Се додека не бидам осуден не сум виновен, не чувствувам никаква вина

Се додека не бидам осуден не сум виновен. Не чувствувам никаква вина и треба да оставиме судовите да донесат одлука и да ја водат постапката, рече денеска министерот без ресор, задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030, Шабан Салиу, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали чувствува вина за случајот со пожарот во дискотеката Пулс во Кочани, за кој се води истрага во која и тој е опфатен.
– Не е коректно и не е фер новинарите да водат судска постапка, бидејќи има една општа презумпција на невиност, истакна Салиу пред почетокот на настанот по повод одбележувањето на Меморијалниот ден на Ромскиот Холокауст – 2 Август.
Во врска со тоа што мисли кога кажува дека новинарите водат судска постапка рече дека не е коректно и не е фер новинари да сликаат таблички на неговото службено возило кога одел во судот.
– Не бев на одмор, не бев никаде, напротив во рамките на моите должности, го извршив и тоа, се пријавив, посочи Салиу.
На новинарско прашање зошто со службено возило отишол во судот рече дека од 8 часот до 17 часот е на работа и не бил никаде надвор од државата, туку бил во судот.