Sale, Done и Аца


ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ

Во секое општество, во сегашноста или минатото, постоеле личности што биле познати или препознавани во јавноста, личности што значеле нешто во општеството, што би се рекло личности што ги имало во секоја каша и што биле обележје на градот или времето во кое живееле. Популарноста на таквите личности не зависела од нивното образование, убавина или некои други карактеристики туку од шармот и духот што го носеле во себе и го ширеле околу себе, како и од потребата на луѓето да имаат свои херои и легенди. Со таквите луѓе народот се идентификувал, се соживувал, се радувал, тагувал… Ги паметиме спортистите Дражен Петровиќ, Славниќ, Киќановиќ, Џаиќ, Рингов, Панчев, тренерот Лечиќ, пејачите Драган Мијалковски, Љупка Димитровска, Зафир Хаџиманов, групата Мањифико, коментаторот Младен Делиќ, Милка Бабовиќ, Атанас Костовски, Златко Калински, писателите Матеја Матевски, Божин Павловски, сликарите Личеновски, Коџоман, Чемерски, глумците Петре Прличко и Ристо Шишков и многу други.

Се сменија времињата, се сменија вкусовите, се изместија вредностите и накарадното и грдо стана убаво и привлечно, простотилакот и неукоста станаа нормални, а културата и знаењето станаа реткост. Арамиите и криминалците ги прогласивме за херои, крадците и тајкуните за бизнисмени, пороците, шљамот и развратот се кренаа како доблест, сите мали, подмолни и неспособни станаа наши суверени, а некогашните херои и идоли ги сменија ликовите. Денес, во време кога владеат разврат и неморал, кога лагата е вистина, а вистината е политичка парола, најпознати ликови станаа: Sale, Done и Аца.

Првиот од плејадата ликови е Sale, омилен лик на жените, лик што ги плени и ги маѓепсува сите нив. Неговото име е присутно насекаде, на секој излог и кога жените ќе го прочитаат неговото име, се шашардисуваат. Шета жената со мажот низ „Сити мол“, тргнале на кафе и жената го здогледува Sale на излогот на „Зара“. Во истиот миг жената со низок старт се стрчува кон влезот на продавницата и ја снемува во толпата разулавени жени кои трчаат накај Sale. Мажот останува збунет и вчудовиден, самиот и не знае на која страна да се сврти, да оди на кафе сам или не. Довикува кон сопругата да ја праша што да прави, да ја чека или не, ама попусто, сопругата ни слуша ни реагира онака затрчана накај Sale. Решава сопругот сепак да влезе во продавницата за да види што се случува и го чека уште поголемо изненадување. Растрчани жени, со разбушавени коси, подзапотени, црвени во лицето со куп облека во рацете трчаат накај соблекувалните. Неколку жени на колена се влечат околу левата кондура, држејќи ја десната под мишка. На каса бескрајна редица која од миг во миг само се зголемува. Неколку жени копаат по гондолите и рафтовите, расфрлајќи дел од облеката лево и десно, дел закачувајќи на раката. Исплашен мажот се повлекува накај излезот со уште неколку мажи и збунети се упатуваат кон првото кафуле. Задремани и исцрпени, ги дочекуваат своите сопруги некаде околу 22:30 по затворањето на продавниците, со куп кеси во рацете кои исцрпени од шармот и привлечноста на Sale паѓаат во столчето и гласно порачуваат ладен „амстел“. Sale e шармер на кој паѓаат сите жени и е неуморен, го има секаде, на секое место. Но, најопасен е на црниот петок кога не се смирува до полноќ.

Следниот лик е многу посмирен и одмерен, лик без кој не можете да забележите, одбележите или смените нешто. Сакате да запишете број на мобилен телефон на пријател, тешко без Done, сакате да запишете и да се потсетите на роденден на блиските, мора да го повикате и употребите Done. Годишнината на брак или врската никогаш нема да ја заборавите ако по запишувањето го употребите Done. Може да пишувате и запишувате колку што сакате и што сакате, ако на крај не го употребите Done, попусто сте се мачеле. На работа сигурно ќе задоцните ако алармот по местењето не му го доверите на Done. Сакате да запаметите канал на својот смарт- телевизор или радиостаница на радиото во кола, без Done тоа е невозможно. Патувате некаде и имате навигација, попусто сте ги симнувале картата и рутата ако на крај не сте му го довериле сето тоа на Done. Done е нашата меморија, сеќавање, Done е нашето минато, но и иднина, нашиот план и програма на движење и обврски. Без Done ние сме изгубени.

Ако Sale е шармер и „флит“ за жени, ако Done е нашата меморија, нашиот пат и правец, нашето сеќавање и иднина, Аца е вечниот лик на нашата историја и политика. Со Аца сме воделе војни и сме победувале, со Аца сме изградиле империја сè таму до Монголија, со Аца, до скоро, возевме до Грција по автопатот со негово име и слетувавме со авион на неговиот аеродром. Под Аца и неговиот коњ Букефал се разладуваме во сенка на голиот и стерилен плоштад во центарот на Скопје. Аца е нашиот херој со кого ги лутиме соседите, ги раскаруваме историчарите и ја заматуваме историјата. Аца е шило и немирен дух кој никогаш не мирува и кој ни е секогаш во резерва како доказ за нашата големина, долга историја, победничкиот дух. Но, Аца е и политичар кој тешко некој да го слушнал да зборува македонски, но е постојано во врвот на македонската политика. Тој преговара за состав на секоја Влада, за донесување на секој закон, за иднината на државата. Тој е секогаш во власта, без оглед дали се ВМРО или СДСМ во власта. Без него нема парламентарно мнозинство, европска иднина, членство во НАТО. Без него нема избор на претседател на државата, а особено нема цензус при неговиот избор. Тој е посилен и од Чак Норис и може да направи нешто што никој друг не може. Аца е способен и кадарен за два часа, од 17 до 19 часот, да собере луѓе и да обезбеди цензус на изборите, нешто што на сите други заедно не им успеа цел ден од 7 до 17 часот. Аца е вечен и непроменлив, стабилен и никој не може да го мрдне, како да е камен-темелник на политичкиот циркус.

Ако е Sale неодолив, ако е Done незаменлив, тогаш Аца е сето тоа и многу повеќе и од него можеме само да учиме.