Сакаат да шетаат во ЕУ, но не и да гласаат за Уставот


Пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ денеска на Националниот совет за евроинтеграции се пожали пред европските амбасадори дека власта нема слух за нивната  проевропска ориентација, па поканата што ја добиле како пратеници да учествуваат  во дебата на оваа тема во чешкиот парламент – ја одбила како мерка на штедење. 

-Владата испрати стотина учесници на саем за вино, а не може да си дозволи учество на македонски пратеници  на расправа во Прага, се пожали Лефков во прусуство на амбасадорот на Чешката Република, Јарослав Лудва и евроамбасадорот Дејвид Гир.  

Уште повеќе, Лефков тврдеше дека ВМРО-ДПМНЕ целосно се залага за истото како и Владата, т.е влез на Македонија во ЕУ, но секоја оправдана критика на нејзината работа се окарактеризира во јавноста како антиевропска. 

-Јазикот и термините што се користат тука се целосно спротивни на европските вредности. Ако се спротивставуваме на ставовите на владата , ако не се согласуваме со корупцијата  или ако критикуваме дека како земја сме рекордери во инфлација, не окарактеризираат како антиевропски. Ако пак сте поддржувачи на власта, можете да бидете и кабелот на модуларната болница и пак ќе бидете европски, се пожали Лефков, барајќи вакви квалификативи  да  не се употребуваат никогаш за критикување на Владата.  

Според него, власта  ветува и презема обврски што не може да ги исполни, па откако нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ е за преговори со ЕУ, повика за промената на Уставот и за идентитетските прашања  да се прашаат директно граѓаните, или во нивната фразеологија – народот да се праша, откако претходно тврдеше дека тоа што се бара од нас за почнување на преговорите тој не го сака.  Кратко кажано, тие како партија да продолжат  да кажуваат дека се за влез во ЕУ, граѓаните да гласаат против измените што се неопходни за да започнат преговорите, а во меѓувреме да одат секаде каде што ќе ги поканат за да кажуваат колку ги поддржуваат преговорите за членство. (Н.В.)