Саем за деца викендов во „Борис Трајковски“ – запознајте ја жирафата Жижи, спортувајте, танцувајте

Детскиот саем Kid Expo 2025 ги отвора вратите за највозбудливиот забавен викенд за деца и возрасни, овој викенд – 4 и 5 октомври во големиот СЦ Борис Трајковски. Два дена исполнети со игра, музика, танц, спорт, креативни работилници и многу изложувачи. Посетителите ќе можат да уживаат во богата програма која се одвива на пет локации: Експо Зона, Големата сцена, Креативниот ринг, Спортскиот ринг и Фуд корт.
На Големата сцена децата ќе имаат можност да следат најразлични содржини: од балетски претстави, музички точки, разговори и смеење со Сашко Коцев, концерт со милениците на детската публика Биби и Боби и жирафата Жижи, различни настапи меѓу кои хип-хоп работилница со светскиот првак Мила Србиноска, пантомима и бендови од основни училишта. Саботната вечер, од 20 часот ќе биде резервирана за Band Jam – свирка на тинејџерски бендови, кои ќе ја искористат Големата сцена за да ги подигнат своите сценски вештини за јавен настап пред нивната публика. Поддржете ги вашите врсници!
Спортскиот ринг нуди активности и работилници насочени кон спортот и физичката активност, каде децата ќе можат да пробаат кошарка, бадминтон, куглање, шах, одбојка, карате и пинг понг, под водство на реномирани спортски клубови и професионалци.
Креативниот ринг е посветен на уметноста и науката, со различни работилници прилагодени за различни возрасти. Младите посетители ќе можат да се вклучат во активности како учење преку игра со иновативни играчки, вештини како плетење и користење на рачен алат, цртање фрактали, истражување на биодиверзитетот, проширување на знаењата за вештачката интелигенција, како и советување и практични упатства за новите родители.
На изложбените штандови ќе бидат достапни бесплатни очни прегледи за деца, детски пазар на мали претприемачи, предавања и работилници за програмирање, дизајн и развој на видео игри и 3D моделирање, бесплатни работилници со награди и попусти, изненадувања и активности поврзани со играчки, интерактивни игри и совети за здравје и орална хигиена.
Покрај богатата програма, во главната Експо зона ќе бидат присутни бројни изложувачи од различни области кои нудат најразлични производи и услуги наменети за децата и родителите, а ќе нудат и специјални промоции, попусти, ваучери, а можеби и мали изненадувања.
Фуд кортот кој ќе биде сместен пред салата, ќе овозможи забавата во текот на двата дена да биде со продолжено времетраење, со навремени оброци за децата и возрасните.
Генералниот покровител го поддржува саемот преку кампањата „Крени глас“ и емисијата „ЛОЛ“, со што го истакнува значењето на гласот против врсничкото насилство и креативноста на младите.
Организатори на Кид Експо се Бејбишоп и Боттега Евенти.
Kid Expo 2025 е настан кој не треба да се пропушти – идеална прилика за квалитетно заедничко време исполнето со радост, знаење и нови пријателства. Добредојдени се сите деца и нивните родители за незаборавен викенд во СЦ Борис Трајковски!
Влезот за децата до 12 години е бесплатен, а картата за возрасните е 200 денари (онлајн или на врата) со вклучено купонче за кафе или сладолед.