САД вечерва ќе тестираат моќна хиперсонична ракета


Американската војска планира вечерва да тестира хиперсонична ракета способна да носи нуклеарна боева глава само неколку часа по затворањето на гласачките места.

Интерконтиненталната балистичка ракета „Minuteman III“ (ICBM), без нуклеарна боева глава, ќе биде лансирана во периодот од 23:01 до 05:01 часот по пацифичко време од вселенската база Ванденберг во Калифорнија, објави „Дејлимејл“.

Некои изразија загриженост поради тестирање на нуклеарно оружје истиот ден кога ќе се избере новиот претседател. Меѓутоа, воените претставници наведуваат дека „тестот е рутински и планиран пред неколку години“. Целта на тестот е да се покаже „подготвеноста на американските нуклеарни сили“ и да се обезбеди „доверба во нуклеарната одбрана на земјата“ поради стравувањата од зголемена закана од Трета светска војна.

Вежбата ќе демонстрира траекторија на ICBM од 6.700 километри од базата до Атолот Квајалеин, мал остров во северниот дел на Пацификот, што ќе трае околу 22 минути.Оружјето може да достигне брзина од над 24.000 километри на час, што му овозможува да ја погоди секоја цел ширум светот за само 30 минути по лансирањето. Москва е на околу 9.500 километри од Калифорнија, додека Пекинг е на околу 9.700 километри, две држави кои се сметаат за закана за САД.