САД се повлекуваат од Договорот за климата


САД– САД ги известија Обединети нации дека почнаа процес за повлекување од Парискиот договор за климата, што беше потпишан во 2015 година.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео вчера изјави дека предал официјално известување до ОН, со што започнува процесот на повлекување, што трае една година.

Помпео Парискиот договор го нарече „економски нефер товар“ за американската економија.

Околу 200 држави го потпишаа Парискиот договор за климата, според кој секоја земја поставуваше цели за намалување на емисиите на штетни гасови, што доведуваат до климатски промени.

САД се прва држава која се повлекува од Парискиот договор.

Американскиот претседател Доналд Трамп на средината од 2017 година донесе одлука за повлекување од Договорот за климата, но не беше возможна реализација бидејќи  Договорот забранува повлекување на земја во текот на првите три години од ратификацијата.