САД планираат да номинираат Американец за извршен директор на Програмата за храна на ОН
САД планираат да номинираат Американец за директор на Програмата за храна на Обединетите нации во наредните недели, изјави портпарол на Стејт департментот, откако Синди Мекејн вчера објави дека планира да поднесе оставка од функцијата.
– САД можат да потврдат дека ќе номинираат висококвалификуван Американец за раководител на Програмата за храна на ОН, продолжувајќи ја американската традиција на извонредност и одговорно управување со оваа организација. Кандидатот ќе биде објавен во наредните недели, наведе портпаролот на Стејт департментот.
САД традиционално се најголемиот донатор на Програмата за храна, а извршниот директор заеднички го именуваат генералниот секретар на ОН и генералниот директор на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации. Извршниот директор има петгодишен мандат.
Мекејн вчера најави дека ќе поднесе оставка за три месеци. Таа е вдовица на починатиот американски републикански сенатор Џон Мекејн, а ја презеде функцијата во 2023 година. Мекејн во октомври доживеала мал мозочен удар.