САД: Мијалков останува на црната листа без оглед на судските одлуки во Македонија

Амбасадата на САД ги следи одлуките на Апелацискиот суд за предметите „Таргет – Тврдина“ и „Трезор“ и, без оглед на исходот, најавува дека главнообвинетиот Сашо Мијалков останува на нивната црна листа.
„Без оглед на неодамнешните одлуки на судот во случаите ‘Трезор’ и ‘Таргет – Тврдина’, санкциите на САД против Сашо Мијалков остануваат во сила“, велат од Амбасадата на САД во реакцијата за „Независен“.
Апелацискиот суд, на општо разочарување (дел реално, а дел одглумено) ја укина пресудата за „Таргет – Тврдина“ и го врати предметот на повторно судење, наводно поради повреди во постапката. Предметот се однесува на масовното прислушување во Македонија и со ваквата одлука се ослободуваат од вина ексдиректорот на УБК и првоосомничен, Сашо Мијалков, кој доби 12 години, ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, осудена на четири години, началникот на Петтата управа на МВР, Горан Грујевски, кој е во бегство и осуден е на 15 години, како и Никола Бошкоски, кој исто така е во бегство, а изречена му е 15-годишна затворска казна. Претходно, Мијалков беше ослободен за случајот „Трезор“, а во 2020 година и за случајот „Титаник 2 “. Во советите што одлучуваа за предметите на Мијалков има судии што пресудувале секој во два укинати предмети.
Со потпишувањето на одлуката за укинување на пресудата за масовното прислушување, апелациските судии практично потпишаа застарување на делата, то значи дека не сам што нема да одговараат, туку и државата ќе треба да им плаќа отштета на сите незаконски прислушувани.