САД: Литиумот е генерациска можност за Србија
Американскиот помошник државен секретар за енергетски ресурси Џефри Пајат изјави дека литиумот претставува генерациска можност за Србија и дека претседателот Александар Вучиќ сака да ја развие Србија како хаб.
Како што изјави за српските медиуми во Стејт департментот, САД сакаат Србија да напредува економски, а проектот „Јадар“ е приоритет на ЕУ и во тој поглед претставува можност за Србија. Тој посочи дека Владата на Србија ќе донесе суверена одлука за прашањето за литиумот.
Пајат кажа дека прашањето за литиумот го гледаат во контекст на американската поддршка за Србија, која, како што наведе, е економски просперитетна, напредува, е дел од Европа и ги користи можностите за градење на иднината. Тој рече дека Владата на Србија на крајот ќе одлучи како ќе продолжи со проектот Јадар.
-Многу е јасно во однос на прашањата за кои сум одговорен на глобално ниво околу критичните синџири за снабдување со минерали, за кои ќе ни треба масовно зголемување на обемот на кобалт, литиум, никел, цинк, за да ја исполниме нашата енергетска транзиција. Ова претставува генерациска можност за Србија, која граѓаните на Србија разбирливо сакаат да ја видат развиена на начин што ги поддржува истите високи еколошки, социјални и управувачки стандарди што ни се потребни за рударството овде во САД, истакна американскиот помошник државен секретар за енергетски ресурси.
Тој посочи дека она што би им го кажал на граѓаните на Србија во однос на прашањето за ископувањето на литиум е токму она што би им го кажал на граѓаните во САД.
-Убеден сум дека ќе ви биде многу подобро да работите со западни компании како Рио Тинто во случај на конкретен проект кој подлежи на регулативи и стандарди за транспарентност од западен стил, за што сум сигурен дека компанија како Рио Тинто ќе заврши многу подобра работа отколку некои кинески компании кои се исто така глобално активни во рударскиот сектор и за жал имаат тенденција да покажат многу лошо ESG и лошо еколошко однесување, рече Пајат.
Тој додаде дека САД сакаат Србија да напредува економски и дека овој проект е приоритет на Европската унија и во тој поглед претставува можност за Србија.
-Она што знам дека претседателот Вучиќ сака да го направи е да се движи развојно во синџирот на вредност, да ја развие Србија како хаб, не само за ископување, туку и за преработка за производство на батериски ќелии за производство на електрични возила. Се се тоа цели кои САД ги споделуваат, бидејќи имаме заеднички интерес да видиме транзиција кон поодржлив енергетски систем, што ќе бара значително зголемени количини на овие енергетски минерали. Значи, ова е можност за Србија, но одлуката за тоа дали да се продолжи или не со проектот ќе биде суверена одлука на Владата на Србија, со интензивен дијалог со Рио Тинто, но и со Европската Унија, бидејќи ЕУ го направи овој проект приоритетен, рече Пајат.
Тој забележа дека глобалната индустрија за електрични возила се трансформира речиси секоја недела и дека граѓанското општество и политичарите играат голема улога во објаснувањето каква шанса претставува литиумот.