САД и се заканиле на Украина дека ќе ја прекинат размената на разузнувачки информацииТра
„Kyiv Independent“ дознава дека администрацијата на Трамп упатила закани до високи украински воени и владини претставници во обид да ги заштити руските рафинерии за нафта. Двајца украински претставници изјавија дека нивните американски колеги јасно ставиле до знаење оти Вашингтон ќе го смета Киев за одговорен доколку руската енергетска инфраструктура биде погодена за време на неодамна објавениот прекин на огнот.
„Тие им се јавија на сите високи воени функционери упатувајќи закани“, изјави еден украински претставник за „Kyiv Independent“. „На сите им велат дека ќе ја прекинат и размената на разузнавачки податоци и програмата PURL.“
Заканите уследија по 48 часа полни со збунувачки настани, во текот на кои американскиот претседател Доналд Трамп објави контроверзен „договор“ со рускиот претседател Владимир Путин за увоз на руски дизел, проследен со постојани барања Украина да го замени Володимир Зеленски како претседател, а потоа и со објавата на Трамп за едностран „енергетски прекин на огнот“ меѓу Русија и Украина – потег што ги затекна неподготвени и Москва и Киев.
Повеќе високи украински претставници изјавија за „Kyiv Independent“ дека Киев не бил однапред известен за објавата на Трамп од 11 октомври за прекин на огнот. По објавата, украинските претставници наводно биле под притисок да го почитуваат прекинот на огнот и да се воздржат од напади врз руските рафинерии за нафта. Русија продолжи да ја напаѓа украинската енергетска инфраструктура, при што термоелектраната во Харков беше погодена само неколку часа по објавата на Трамп.
Според друг претставник, повици од американската страна добиле заменик-шефот на кабинетот на претседателот, Павло Палиса (задолжен за воени прашања), и Михаил Драпати, главнокомандувачкиот на вооружените сили на Украина.
PURL – што е кратенка за „Prioritized Ukraine Requirements List“ (Листа на приоритетни барања на Украина) – е иницијатива предводена од Европа, чија цел е да ѝ обезбеди на Украина критично важно американско оружје, финансирано првенствено од земјите-членки на НАТО. Во првата година од иницијативата, преку оваа шема беше обезбедено оружје во вредност од 6,7 милијарди долари. Иако директната воена помош од САД е суспендирана уште од инаугурацијата на Трамп, размената на разузнавачки информации продолжи.
Во изјава за руската новинска агенција ТАСС, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одби да го коментира најавеното примирје во енергетскиот сектор, но изјави дека Русија е „подготвена да стори сè што е можно“ за постигнување „долгорочен мир“.
Украинскиот претседател сигнализираше подготвеност на Киев да ги почитува условите од прекинот на огнот, додавајќи дека ќе им бидат потребни повеќе информации за конкретниот предлог. Украинците остануваат скептични дали едностраниот прекин на нападите врз енергетската инфраструктура ќе се одржи.
„Веднаш по објавата (на Трамп за прекин на огнот), Русија изврши насочен напад врз електрана во Харков, предизвикувајќи дополнителна штета на нашиот енергетски систем“, рече Зеленски за време на настан на Варшавскиот безбедносен форум, на кој присуствуваа новинари од „Киев Индипендент“.
„Беше јасно дека Путин не ја чита ’Трут Сошл‘ (TruthSocial).“
„Се договоривме за прекин на нападите врз енергетската инфраструктура. Американскиот тим многу добро знае што значи тоа за нас. Ние немаме големи резерви на нафта, голем капацитет за извоз на нафта или десетици рафинерии за нафта“, рече Зеленски.
Тој ја повтори подготвеноста на Украина да се согласи на взаемен прекин на нападите врз енергетската инфраструктура, но нагласи дека тоа мора да ја опфаќа енергетската инфраструктура во целост, а не само рафинериите, бидејќи Украина нема функционална инфраструктура за преработка на нафта.
„Во Украина имаме само една рафинерија за нафта. Таа беше тешко оштетена од руските напади уште многу одамна. Така што, увозот на нафтени деривати е едноставно нашата реалност“, рече Зеленски.
„И токму затоа нашата понуда е искрена и јасна. Подготвени сме да почитуваме прекин на нападите врз енергетската инфраструктура доколку Русија е подготвена да го стори истото. Ние се согласуваме ако тие се согласат“, продолжи тој. „И веќе покажавме дека мислиме сериозно. Синоќа не беа запалени руски рафинерии за нафта. Но, на полноќ, руски дрон „Шахед“ на млазен погон погоди постројка за производство на гас во Украина.“