САД ги заоструваат санкциите кон Русија со ограничување на плаќањата за енергенси


Вашингтон – Соединетите Американски Држави ги заоструваат санкциите кон Русија со ограничување на плаќањата за енергенси, дури и во момент кога се одржуваат мировни преговори со Владата на рускиот претседател Владимир Путин за да се стави крај на војната во Украина, објави денеска Блумберг.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп дозволи да истече лиценцата која опфаќа плаќања за енергенси на неколку руски банки, на кои и натаму им било дозволено да примаат плаќања во американски долари преку тоа што е познато како „Општа лиценца 8“, која беше во сила од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Поранешен претставник на Стејт департментот, кој работеше на санкциите против Русија во 2014 година, Едвард Фишман, рече дека истекувањето на лиценцата „значително ќе ги задуши руските приходи од нафта и гас“.

„Ако сте странска рафинерија на нафта или трговец со нафта или некој што купува руски гас, а вашата банка сака да и плати на Русија за нафта и гас во долари или во која било друга западна валута, ќе сфатите дека тоа е многу тешко да се направи“, рече Фишман.

Секретарот за финансии Скот Бесент во интервју за Си-Ен-Би-Си изјави дека САД нема да се двоумат да воведат дополнителни санкции кон Русија за да се обидат да ја принудат земјата на преговарачка маса и дека Трамп е „подготвен да изврши максимален притисок врз двете страни“.

Портпаролот на Министерството за финансии денеска потврди дека дозволата истекла на 12 март и рече дека администрацијата на Трамп ќе продолжи да ги спроведува санкциите како дел од стратегијата за ставање крај на војната.