САД ги избришаа правата на македонското малцинство во Бугарија

Во ланскиот извештај се забележуваше дека бугарските власти не ги регистрираат здруженијата на Македонците, а во годинашниот извештај нема ништо од тоа


Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград судски беше затворен на 2 август 2023

 

Има многу промени во начинот на кој е изготвен годинашниот извештај за човековите права на Стејт департментот, а кој се однесува за 2024 година. Не што неговото објавување доцнеше неколку месеци, туку што администрацијата на Доналд Трамп ги исфрли критиките за злоупотребите на човековите права во земјите кои се нејзини сојузници. Како да не се случуваат.

Еден од таквите примери е што во новиот извештај за состојбата во Бугарија целосно е исфрлен делот за малцинствата. Она што нас најмногу нѐ интересира – за македонското малцинство.

Во извештајот за 2023 објавен во 2024 делот „Слобода на здружување“ беше целосно посветен на правата на македонското малцинство за слободно здружување. Во тој дел во ланскиот извештај пишуваше:

„Законот го предвидуваше правото на слобода на здружување и владата генерално го почитуваше.

Властите продолжија да одбиваат регистрација на етнички македонски активистички групи како што се Обединетата македонска организација – Илинден, Друштвото на угнетените Македонци во Бугарија – Жртви на комунистичкиот терор, Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права 2023 и Македонскиот културен клуб ‘Никола Вапцаров’ и покрај бројните претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека одбивањата ја кршат слободата на здружување на групите. Во февруари, Окружниот суд во Пловдив ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација со која се одбива регистрацијата на Обединетата македонска организација Илинден – Пловдив, врз основа на тоа дека целите на групата, вклучително и официјалното признавање на македонско етничко малцинство, се насочени кон поделба на нацијата и би создале услови за етнички конфликт. Во мај, Апелацискиот суд во Пловдив ја потврди одлуката на понискиот суд“.

Во годинашниотв извештај нема ништо од тоа. Новата американска администрација не се занимава со правата на малцинствата во Бугарија. Па ни со правата на македонското малцинство, како да не постои. Не се споменуваат пресудите на Судот за човекови права во Стразбур.

Зошто ова се случило – не е јасно. Дали бугарската дипломатија излобирала кај државниот секретар Марко Рубио да биде отфрлен делот за малцинствата и правата на ЛГБТ заедницата, или тоа е дел од поширокото сфаќање на новата администрација во Вашингтон дека малцинските права не се важни, може да биде ирелевантно. Важно е што македонската дипломатија и највисоките функционери загубија еден силен адут во „битката со Бугарија“, каде важен дел се правата на македонското малцинство во соседната земја и почитување на одлуките на судот во Стразбур. САД сега тоа го премолчуваат, како македонското малцинство да нема проблеми во остварувањето на основното право на здружување.

Во годинашниов извештај не се споменуваат проблемите со корупцијата во Бугарија, кои беа важен дел од минатогодишното издание. Овогодинешниот извештај за Бугарија е речиси три пати помал – 19 страници, во споредба со 52 во 2023 година. Соединетите Американски Држави ставија сериозен акцент на проблемите со слободата на говорот и различните репресии на кои биле подложени бугарските новинари.

Еден од главните акценти на американскиот извештај се растечките антисемитски ставови во Бугарија во текот на изминатата година. Според извештајот, ваквите ставови редовно се појавуваат на социјалните мрежи и како коментари на онлајн публикации и статии.

Се потсетува дека организацијата на бугарските Евреи „Шалом“ изрази загриженост за загрижувачката ескалација на говорот на омраза и антисемитизмот во земјата, „преправен како антиционизам и неодобрување на Израел“, како и обидите за тривијализирање на антисемитизмот.

Во извештајот се споменуваат и протестите пред Националниот театар поради претставата во режија на Џон Малкович минатата есен. (Н.В.)