„Саботажата“ во РЕК „Битола“ се заборава – по еден месец ништо ново од истрагата
Истрагата трае – тоа одговорот од обвинителството околу наводите дека пожарот во комбинатот бил акт на саботажа

БИТОЛА – И по еден месец од пожарот во РЕК „Битола“ и сомнежите за саботажа во комбинатот, нема нова информација од истражните органи која била причината за пожарот, дали сомнежите за саботажа се основани, дали има осомничени. Нема ниту одрекување од првичните сомнежи за евентуално противзаконско дејствување врз стожерот на електроенергетскиот систем во државата. Засега се’ се сведува на реченицата – истрагата трае!
До овој момент се испитуваат неколку можности; како настанал пожарот, дали е дело на саботажа или пак несреќен склоп на околности заради непочитување на процедурите и правилата за работа.
Од комбинатот кусо одговорија: „Подружница РЕК ‘Битола’ се уште ги очекува наодите од истражните органи во врска со случајот што е предмет на ваш интерес“, рече Оливера Михајловска портпарол на РЕК „Битола“ за „Независен“.
Рано утрото на 18 јуни, термоблокот 2 во РЕК „Битола“ автоматски беше исклучен од електроенергетскиот систем откако сигнализираше заштитниот механизам на блокот, кој се активирал како последица на зголемена температура, односно опожарени дрвени елементи во близина на ормарот за електронско управување. По тој момент надвор од системот беа трите блока на комбинатот.
Веднаш по инцидентот, РЕК „Битола“ испрати соопштение во јавноста во кое покрај големата загриженост за случајот, јасно порача дека се сомневаат на саботажа. Криминалистичката полиција влезе во комбинатот и поведе истрага.
„ОЈО Битола оформи предмет веднаш по настанот. Издадени се наредби за вештачење за да се утврди како настанал пожарот и наредби да се утврди дали се почитувани сите процедури за работа. По наредбите постапува СВР Битола“, одговорија денес за „Независен“ од Обвинителството во Битола.
Додека се чека извештајот од истрагата, РЕК „Битола“ веќе ја утврди штетата од пожарот. Од Комбинатот потврдија дека според увидот кој го направи осигурителната компанија по настанување на пожарот, првичната проценка е дека станува збор за штета од 100 до 130 илјади евра.
По пожарот, вработените напорно работеа на санација на штетите предизвикани врз ормарот за електро управување.
Денеска според прес службата на РЕК „Битола“ –„вториот и третиот блок произведуваат електрична енергија според планот за производство и потребите на електро енергетскиот систем, додека првиот блок е во редовен ремонт“.
Пожарот во Блок 2 на РЕК „Битола“ предизвика бура од реакции на социјалните мрежи, но и политички препукувања и обвинувања.
Опозициската СДСМ, побара ОЈО да отвори постапка со обвинување дека РЕК „Битола“ е во колапс поради криминалните зделки на ВМРО-ДПМНЕ и не станува збор за саботажа.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак рече дека постои основано сомнение дека е можно на 18 јуни да се случила саботажа во РЕК „Битола“.
Премиерот ја потенцираше дисциплината во комбинатот, велејќи – „Во РЕК ‘Битола’ се даваат натчовечки напори во делот на дисциплината и ремонтите“, рече Мицкоски.
Премиерот потсети дека АД ЕСМ и Владата не побараа зголемување на цената на електричната енергија од 1 јули.