За десет години само 8.163 Македонци добиле иселенички визи за САД


Во последната деценија најмногу визи за иселување во САД се издадени во 2017 година, односно 1.421, а најмалку во 2020 година, само 225, поради ковид-пандемијата.

Од 2015 до 2024 година, период од 10 години, се издадени вкупно 8.163 иселенички визи за македонските граѓани.

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за коментар на одлуката на САД да го замрзне издавањето иселенички визи за 75 држави, меѓу кои и Македонија, рече дека станува збор за емигрантските визи, не за оние визи за потребите за студирање, за туристички посети итн. Тој најави дека во деновите што следат ќе има добри, пријатни вести за македонските граѓани кога станува збор за ваков тип на односи со нашиот стратешки партнер.

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски вчера рече дека се ставени на пауза постапките за иселеничките визи, а одлуката на Стејт департментот не влијае на сите други постапки за издавање визи за САД, како за стопанствениците, студентите или за туристите.Тој додаде дека од сите апликации за визи во САД, најмал е бројот на барања за иселенички визи и дека се работи генерално за граѓани од повозрасната категорија. И Муцунски најави добри вести во врска со визната политика на САД кон нашата држава, односно „затворање на прашања што 20 години се обидувавме да ги затвориме“.