Русковска веќе ги испрашувала Спасовски и Чулев за софтверот на Рашковски


Пред полицијата и истражителите вчера да извршат претрес во канцеларијата на фирмата „Инвока“, двајца министри за внатрешни работи биле повикани кај шефицата на обвинителството за гонење на организиран криминал за да дадат исказ за контроверзната набавка на софтверот од поранешниот генерален секретар на владата.

Телма објави дека извори од обвинителството ѝ потврдиле оти сегашниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски (во времето на набавката на софтверот технички премиер) дал исказ во средата, а техничкиот министер во МВР, Наќе Чулев, тоа го направил во четвртокот. Според информациите, Спасовски рекол дека МВР нема потреба за софтверот купен од Драги Рашковски, бидејќи Министерството сметало дека користењето на „сејф сити“ системот за сообраќајни прекршоци е спротивен на законската заштита на лични податоци. „Сејф сити“ се користел само при кривични истраги, па поради тоа немало одлука за набавка, ниту потреба од софтверот смислен и купен од ист човек – Драги Рашковски.

Русковска го испрашувала и Наќе Чулев, кој рекол дека немал информации за набавката на софверот на Рашковски за кој се одвоиле 81 илјади евра.

Главниот актер во скандалот – Драги Рашковски, досега не е испрашан од обвинителите, веројатно поради некаква стратегија во водењето на случајот. Откако се врати од двонеделниот одмор во Мексико тој редовно доаѓа на работа во Владата.