Русковска: Не очекувам наскоро да го сослушувам Груевски


Најдоцна до крајот на мај очекувам да биде подигнато обвинение за организаторите на случувањата во Собранието на 27 април 2017 година, но не очекувам дека во скоро време ќе имам шанса да го сослушам и поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, порача вчера Вилма Русковска, обвинителката од Обвинителството за организиран криминал и корупција.

„Добар дел од сведоците што планирав да ги сослушам ги сослушав. Оваа недела тече распитот на обвинетите. Следната недела веројатно ќе се договорам со одбраната да извршат увид во доказите, а ќе видам и дали треба да се сослуша уште некој сведок по што ќе ја привршам истрагата“, изјави Русковска.

Таа не сакаше да прецизира каков е профилот на сведоците што ги сослушала.

Во врска со реакциите на дел од притворените за случајот кои сметаат дека притворот им е неосновано одреден и предолг и оти досега немаат увид во доказите, Русковска рече дека судот треба да оцени дали притворот е основан или не.

„Јас сметам дека е основано одреден. Се работи за многу сериозно кривично дело со обемна доказна и истражна постапка. Право на секој е да поднесе апликација до Судот во Стразбур, само не верувам дека било кој суд за ваков вид кривично дело би рекол дека четири месеци притвор е предлог притвор“, потенцира Русковска.

Обвинителството е во фаза на преведување на потребните документи за екстрадиција на последниот обвинет во првиот процес за настаните во Собранието кој е во бегство во Шведска.

„Завчера ги дадовме доказите на превод и кога ќе биде готов преводот на доказите и сè она што се бара во постапка за екстрадиција, веднаш ќе бидат испратени до Министерството за правда“, прецизира Русковска.